ГЛАВНА СТРАНИЦА

 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - СОЦИОЛОГИЈА
 

СИРОМАШТИЈА

Поим на сиромаштијата

Сиромаштијата е негирање на основните човекови права и нејзиното сузбивање треба да биде преокупација за сите општества. Неправдите, маргинализацијата, социјалното отуѓување, нееднаквоста, која сиромаштијата особено екстремната сиромаштија ги предизвикува, мора да бидат сузбиени, а економскиот напредок, социјалната правда и мирот мора да продолжат да се зацврстуваат. Екстремната сиромаштија денес погодува повеќе од 1,2 милијарди луѓе низ целиот свет. Борбата против сиромаштијата денес претставува еден од најгорчливите светски проблеми на денешницата. Овој проблем иако е најизразен во земјите од третиот свет, во Азија, Латинска Америка и Африка, се уште е присутен и во економски развиенитe делови од светот како САД и Европската унија.
Постојат повеќе дефиниции за сиромаштијата. Една од најинтересните дефинирања на сиромаштијата е од аспект на човековите права а наедно и најкомплицирана, бидејќи не претставува збир на статистички податоци, туку има сосема поинаква димензија во која клучната улога ја има конотацијата базирана од нешто. Првиот обид сиромаштијата да се дефинира од оваа гледна точка е направен од Отец Вресински, според која сиромаштијата е човечка особина окарактеризирана со константна или хронична лишеност од ресурси, способности, избори, сигурности и моќ неопходни за уживање адекватен стандард на живеење и други граѓански, културни, економски, политички и социјални права. Сиромаштијата има многу аспекти. Таа е еден од најбитните фактори што ги условуваат квалитетот на животот и навремената реализација на човековите права.
Според Гордон Маршал сиромаштијата е состојба во која недостигаат ресурси, обично материјални, но некогаш и културни.
Сиромаштијата има различни манифестации, вклучувајќи недостатоток на приходи и пpоизводни ресурси за обезбедување одржливи средства за живот, глад и неисхранетост, нарушено здравје, ограниченост или непостоење на пристап до образование и други основни услуги, зголемена чувствителност и смртност од болести, бездомништво и несоодветно домување, небезбедна околина и социјална дискриминација и ексклузија. Децата кои израснале во сиромаштија во седумдесетите години постојано постигнувале полоши резултати на училиште, имале шест пати помала веројатност да продолжат со високо образование, еден и пол пати поголема веројатност да бидат невработени и зарабоувале десет проценти помалку во текот на нивниот живот за разлика од оние кои не искусиле сиромаштија.
Како што покажуваат овие цитати, сиромаштијата се сфаќа како проблем и на национално и на итернационално ниво. Тоа е проблем во кој не се работи само за парите туку и за широк спектар форми на лишување и ексклузија, и тоа има влијание врз нас не само сега туку и потенцијално и во текот на целиот наш живот. Постојат многу дебати и несогласувања и помеѓу научниците и креаторите на политиката за тоа како да се дефинира и мери сиромаштијата, без да се дојдe до една точна, научна договорена дефниција. Сиромаштијата по својата природа е оспоруван концепт. Сепак научниците, креаторите на политики, дури и политичарите се согласуваат околу една работа – дека сиромаштијата е проблем. Каква и дае дефиницијата или описот на сиромаштијата, каква и да е состојбата кон која авторите на дефинициите и описите сакаат да ни го насочат вниманието, основната порака е дека сиромаштијата не е само состојба туку е и неприфатлива состојба.
Една студија за концептите на сиромаштијата, исто така ги опфаќа начините на кои луѓето говорат за сиромаштијата и како ја визуелизираат, дискурсите на сиромаштијата, како што е артикулирано преку јазикот и сликите. Овие дискурси се конструирани во различни домени, политиката, академските кругови и медиумите. Секое од овие влијае врз начините на кои сиромаштијата се сфаќа во општеството. Обично поимањата поддржани од помоќните групи, наместо од тие кои ја искусуваат сиромаштијата, се рефлектирани во доминантните концептирања.
Дефинициите на сиромаштијата, засновани на средствата за егзистенција, имаат значајна вредност при испитувањето на сиромаштијата во земјите од Третиот свет при што меѓународните стандарди покажуваат дека општото ниво на сиромаштија, мерено врз основа на средствата за живот, е многу високо, а некои студии покажуваат дека речиси половината население во земјите со ниски приходи живее во апсолутна сиромаштија.

Димензии на сиромаштијата

Апсолутни димензии на сиромаштијата


Дефинирана со апсолутни термини, сиромаштијата значи состојба во која на индивидуата и недостигаат нужните ресурси за опстанок. Апсолутната сиромаштија се јавува во земјите на третиот свет и претставува недостаток на доволни количества од храна и вода како основни човекови потреби неопходни за преживување. Во овој случај социјалниот контекст и социјалните норми како одредници на сиромаштијата не се земаат предвид бидејќи овој тип на сиромаштија се определува преку голата човекова егзистенција како најзина граница. Во овој случај значи станува збор не само за приходот кој е неопходен за да би се обезбедила голата човекова егзистенција туку и за пристапот до определни социјални услуги преку кои би се обезбедиле, на пример, безбедна вода за пиење или здравствени услуги.
На луѓето им се потребни различни работи на различни места во зависност од различните околности. На различните индивидуални потреби исто така ќе влијае како луѓето живеат или го споделуваат просторот во кој живеат со други единки во семејства или домаќинства. Раунтри прави разлика помеѓу примарна и секундарна сиромаштија. Примарната сиромаштија се однесува на оние кои немаат пристап до средствата за да ги задоволат своите основни потреби, секундарната сиромаштија се однесува на оние кои ги имаат средствата, но не се способни да ги користат за да се издигнат над нивото на основни средства за живот. Иако Раунтри направи разлика помеѓу овие два поима, и двата ги нарекуваше сиромаштија.


Релативни димензии на сиромаштијата


Овој концепт значително се разликува од претходно претставениот тип на апсолутна сиромаштија и тоа особено во базичниот принцип на нејзиното определување. Релативните дефиниции, најмногу почитувани од социолозите упатуваат на индивидуален или групен кусок на ресурси во споредба со други членови на општеството – со други зборови, нивниот релативен животен стандарад. Бидејќи во случајот на релативната сиромаштија се работи за разлики во нивото на материјалните ресурси – значи, нееднаквости во нивната распределба во општеството – мерките на релативната сиромаштија не се пообјективни од оние на апсолутната сиромаштија. Релативната сиромаштија е дефинирана како недостаток од ресурси на определени поединци, семејства и групи да практикуваат определен режим на исхрана, да учествуваат во определени општествени активности и да имаат објекти и животни услови кои се вообичаени за општествата на кои тие им припаѓаат. Преку оваа дефиниција може да се види дијаметралната сопротивност при определувањето на двата основни типа на сиромаштија при што едната се определува преку границата на преживување и е прифатена во општествата со низок приход и релативно неразвиени општества, додека релативната сиромаштија е карактеристична за државите со релативно висок животен стандард. Поради големите разлики во определувањето на концептот на сиромаштијата многу често поимот на релативна сиромаштија се заменува со социјално повлекување или социјално отуѓување.
Апсолутните дефиниции за сиромаштијата мора да вклучуваат релативи проценки и мислења за да бидат применети во одредено општество, а релативните дефиниции бараат одредена апсолутна суштина за да се разликуваат од пошироките нееднаквости. Доколку сакаме да ја задржиме сиромаштијата како основа за анализа, мерење и политичко дејство, мора да ги избегнеме недостатоците на двете дефиниции, или да се сосредоточиме на нивните предности.

Причини за сиромаштијата

Проблемот на сиромаштијата е објаснуван во повеќе правци. Според структуралните објаснувања, оваа појава се анализира во општествен контекст. Тука спаѓаат.
1. Класното објаснување – сиромаштијата е резултат на маргинализација на група луѓе кои се исклучуват од производните процеси поради што се ограничуваат нивните животни избори.
2. Административното објаснување – сиромаштијата се препишува на грешките и на неефикасноста на државните служби.
3. Нееднаквоста – сиромаштијата е продукт на нееднаквоста во општествената структура што имплицира демантирање на сите можности, пр, расна и полова нееднаквост.

Патолошките објаснувања сиромаштијата ја препишуваат на карактерот и поведението на сиромашните луѓе. Тука се вклучени.
1. Индивидуалистичко објаснување – сиромашните се навикнати да бидат неадекватни, да прават лоши избори во животот, а со тоа и самите да си го креираат својот животен стил.
2. Фамилијарното објаснување – верување дека сиромаштијата владее со едно семејство и таквото сиромашно објаснување се одржува со генерации.
3. Супкултурно објаснување – културата на сиромашните ги учи сиромашните да бидат поинакви и да се адаптираат на сиромаштијата заедно со елеминирање на секаква амбициозност и верба.

Полот и сиромаштијата

Последиците од екстремната сиромаштија се чувствуваат насекаде низ светот. Се до неодамна сиромаштијата била видена како недостаток на финансиски средства и според тоа единствено логично решение бил економскиот развој. Комплексноста на сиромаштијата долго време не била препознаена и никој не ја споменувал можноста дека сиромаштијата може да е резултат на опсесија и следствено на тоа нејзината редукција да бара и други решенија покрај економскиот развој. Еден од најновите пристапи кон сиромаштијата што ја признава нејзината комплексност и мултидимензионалност, е пристапот на човековите права. Овој пристап, кој се развива паралелно со развојот на човековите права нуди јасна законска рамка која што има потенцијал да ги “зајакне” сиромашните и на тој начин да придонесе за намалување на сиромаштијата. Според овој пристап сиромаштијата е пред се кршење на основните човекови права. Понатаму, сиромаштијата вклучува повеќе димензии меѓу кои најзначајни се, слабото здравје и неисхранетоста, неписменоста, невработноста и политичката маргинализација. Во рамките на овие димензии се негираат човекови права како, правото на квалитетна исхрана, правото на здравствена заштита, правото на образование, правото на пристојна работа и секако политичките права и слободи.
Во последно време пристапот на човековите права, како една од димензиите на сиромаштијата ги наведува и структуралните нееднаквости на општеството базирани на полот, религијата, етницитетот и расата. Сите овие се важни фактори коишто влијаат врз сиромаштијата и начинот на кој што таа е доживеана од различните групи на луѓе.
Статусот на жените секако со себе носи многу недостатоци во споредба со онаа на мажите во различни области на општествениот живот, вклучувајќи ги и можностите за вработување, сопственоста, приходите и така натаму. За поголемиот дел од жените општествените и економските придобивки на жените се утврдуваат пред се од позицијата на нивното семејство а особено на главата на семејството.
Феминистите и женските групи константно докажуваат дека жените ја искусуваат сиромаштијата многу посилно од мажите бидејќи половата нееднаквост во политичката, социјалната, економската и културната сфера на животот е сеуште многу изразена и тоа во корист на мажите. Отсекогаш имало очигледни историски докази дека жените се предмет на дискриминација во домот, работата, кредитната политика и имотното наследство. Многу економски политички институции се дискриминаторски насочени кон жените, како резултат на традицијата и обичаите. Поголемиот ризик на сиромаштија кај жените се должи на нееднаквиот статус на жените на пазарот на трудот, пониските плати и помалите шанси за напредување во кариерата.
Сите наведени фактори се значајни елементи за зајакнување на жените како посебно ранлива група и лесно може да се заклучи дека жените биле оневозможени да имаат еднаков пристап со мажите до изворите на финансиски средства и политичка моќ. Ова резултирало во социјална исклученост на жените како група и овој историски факт денес многу им отежнува на жените (посебно на оние кои живеат сами) да создадат услови за живот над границата на сиромаштијата. Понатаму со прифаќањето на половата нееднаквост како една од димензиите на сиромаштијата, многу прашања поврзани со потеклото на сиромаштијата и начините на кои таа би се намалила би можеле да се одговорат. Сите различни фактори кои што ја зголемуваат чувствителноста на жената кон сиромаштијата претставуваат составни делови од феноменот наречен “феминизација на сиромаштијата”. Според Чатагај, главните одлики на овој концепт се следниве:
- жените имаат повисока стапка на сиромаштија од мажите
- женската сиромаштија е потешка од онаа на мажот
- во последната деценија има тренд за зголемување на сиромаштијата кај жените
Половата дискриминација со која што жените се соочуваат при нивниот пристап до здравствената заштита, образованието, пазарот на работна сила и недоволната застапеност во политичката сфера се главните фактори што ја помагаат феминизацијата на сиромаштијата.
Поголемите одговорности на жените во однос на грижата за децата и за возрасните кои не можат да се грижат за себе ги изложуваат на уште поголем ризик од сиромаштија. Зависноста на жените од мажите создава идеолошка рамка која може да ги зголеми шансите за сиромаштија кај жените.
Постојат многу семејства меѓу работничката класа, каде што мажот е една класа повисоко од онаа на жената, или се билатерални. Според студиите кои што се спроведени за семејството, ние не можеме да имаме доверба дека секогаш треба да ја земаме за соодветна работата на мажот како решавачка.

Расизмот и сиромаштијата

Дискриминацијата и обесправеноста на етничките малцинства се вообичаени во поголем дел од, ако не и во сите, социјални структури. Широко распространетиот расизам треба да биде сфатен како алузија на тоа дека последиците од расизмот не претставуваат проблем, или пак не претставуваат проблем кој треба да биде подложен на анализи и стратегиски реакции. Всушност токму поради тоа што “расата” е многу важна особина на структурата на сиромаштијата и нееднаквоста нејзиното влијание мора да биде вклучено во сфаќањата и развојот на политиките во однос на ова прашање.
Малцинските етнички групи исто така имаат тенденција да бидат непривилегирани во социјалната држава. Вклучени се бројни фактори. Тие се, правила кои ја дискриминираат првата генерација на имигранти, универзални услуги кои не успеваат да ги приспособат културните разлики, расни ставови меѓу службениците и слаба побарувачка кај малцинските етнички општества.
Меѓутоа она што во овој контекст се подразбира под поимот “раса” е предмет на одредени дебати и во однос на терминологијата и во однос на употребата на веќе прифатените термини. Оваа дебата веројтно не може да се реши, поради тоа што, како што беше случајот и со дефинирањето на сиромаштијата, значењето е тесно поврзано со пошироките теоретски и политички прашања во однос на природата на проблемот и решението кое е соодветно за него.
Така, во Британија зборот раса означува боја на кожата и поточно разликата помеѓу белата и црната кожа. Црнците и припадниците на другите етнички малцинства се соочуваат со обесправеност на пазарот на трудот преку повисокиот степен ниски плати и повисоката стапка на невработеност кај некои одредени групи. Постојат податоци кои покажуваат дека етничките малцинства се обесправени во однос на социјалната заштита, бидејќи тие можат да бидат исклучени од пристапот до некои бенефиции и се соочуваат со понизок степен на напредок. Социјалната ексклузија во однос на домување, здравството и образованието исто така се прави врз основа на расната и етничката припадност, а
искусувањето на расизмот за голем дел од црнечкото и другите етнички малцинства вклучува и други аспекти од социјалната ексклузија. Поопшто “расното малтретирање и расистичкиот криминал се широко распространети”, тие “може да креираат состојба на страв” и да придонесат за оопштественото исклучување на малцинските етнички групи.
Непријателското однесување засновано врз расата е секојдневен товар на дел ако не и на целокупното црно население. Припадниците на белото население никогаш не би можеле да ја сфатат тежната на овој товар, а многумина од нив не се во состојба ниту да го препознаат, иако можеби и тие имаат придонес во тоа. Непријателското однесување ги тера овие луѓе да се чувствуваат неприфатено и исклучено, да се чувствуваат како жртви на насилство и на јавни места, но и во домот. Ваквата состојба може да ги обесхрабри припадниците на црното население и на другите етнички малцинства да присуствуваат на јавни места и може да предизвика страв и несигурност во нивниот секојдневен живот, во исто време соочувајќи се со социјалната ексклузија и еден вид заробеност.

Сиромаштијата во Македонија

Околу една третина од населението во Република Македонија живеат во сиромаштијата. Порастот на бруто-домашниот производ во изминативе години (пред почетокот на светската економска криза) и намалувањето на невработеноста придонесоа да се запре трендот на пораст на сиромаштијата и релативно за малку да се намали. Во 2003 година сиромаштијата го има достигнато највисокото ниво од 30 проценти, додека пак во 2008 година незначително е намалена на околу 29 проценти. За таа значително да се намали потребен е подолг временски период на висок економски развој, затоа што сиромашните се исклучени од главните текови во општеството и придобивките од порастот ги чувствуваат со задоцнување.
Официјалните податоци покажуваат дека индексот на сиромаштијата во Македонија изнесува нешто помалку од 30 проценти, што значи дека секој трети Македонец е сиромашен. Повеќе од 53 илјади семејства земаат социјална помош, а на работ на сиромаштијата живеат и околу 23 илјади луѓе кои поради кризата останаа без работа.
Сиромаштијата во Македонија се дефинира според релативниот концепт на сиромаштијата, односно според степенот на социјалното отуѓување на поединците или групи на граѓани. Сиромаштијата во Македонија бележи негативен биланс, односно има прогресивен тренд и е најмногу распространета во руралните области и меѓу семејствата со повеќе членови. Сепак како главна причина за сиромаштијата не се потенцира нискиот доход туку високата стапка на невработеност. За да се дефинира проблемот со сиромаштијата во Македонија најпрво треба да се лоцираат причините за енормната невработеност која во последните години се зголемува со геометриска прогресија и изнесува близу 40% од активното население во државата. Невработеноста во Македонија не е само една од причините за социјалното отуѓување, туку се појавува како најзначаен фактор, односно чинител за растечкиот степен на сиромаштија во државата.
Сиромаштијата и невработеноста се зависни и тесно поврзани меѓу себе. Дури 43 проценти од невработените лица живеат во сиромаштија. Но покрај невработените, околу половина од сиромашните живеат во семејства каде што двајца членови се вработени, додека пак 30 проценти од сиромашните живеат во семества со по еден вработен. Ова е резултат на многу ниските плати во одредени сектори, како што е текстилниот, каде што иако се работи во лоши услови, речиси секаде сабота е работен ден, луѓето живеат во сиромаштијата без можност нормално да ги задоволат своите животни потреби. Податоците за сиромаштијата и за невработеноста се поразителни. Македонија е длабоко пропадната во сопствената социјална бездна. Невработеноста е доближува бројка од 342 илјади нерегистрирани невработени, странските инвестиции се премали за да апсорбираат дел од слободната работна сила на пазарот, индустриското производство стагнира.
Зголемувањето на бројот на членови во едно семејство во голема мера го зголемува ризикот од сиромаштијата. Степенот на образование исто така е еден од поважните фактори што влијаат врз сиромаштијата. Местото на живење исто така има големо влијание врз квалитетот на живеење и сиромаштијата.
Првпат во изминативе 20 години,во Република Македонија сериозно внимание му се посвети на решавањето односно намалувањето на овие проблеми. За жал не поради тоа што самите ја имаме согледано потребата од решенија за овој проблем, туку поради тоа што некој друг однадвор ни го бара тоа. Деновиве се промовира “Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Република Македонија” од страна на Министерството за труд и социјална политика. Ова е голем чекор напред што заслужува пофалби. Без постоењето и имплементирањето на вакви стратегии со сигурност нема да се подобри ситуацијата, но постоењето на овие документи може да ни даде мала надеж дека нешто се работи во конкретна насока.
Како решение за сето ова може да се применат еден од следниве механизми или комбинација од истите:
1. Намалување на фискалните оптоварувања кои се врзани директно на платите на вработенте.
2. Отворање на можности за ниско платени работни места (како на пример, работите со половично работно време)
3. Висококвалитетни тренинзи и прекфалификации финансирани од буџетот и изведувани со помош на невладини организации
4. Рано пензионирање, но и преиначување на обврската за задолжителен придонес во јавниот пензиски фонд (опции за сопствен фонд, приватен фонд и јавен фонд).


ЛИТЕРАТУРА

1. Raimi, Sunaj – Sociologjia, Kosta Abras, Ohër, 2009.
2. Маршал, Гордон – Оксфордски речник по социологија, МИ-АН, Скопје, 2004.
3. Ташева, Марија – Социологија, 2-ри Август С-Штип, Скопје, 2003.
4. Листер, Рут – Сиромаштија, Академски печат, Скопје, 2009.
5. Алкок ,Пит – Разбирање на сиромаштијата, Магор, Скопје, 2008.

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD