ГЛАВНА СТРАНИЦА

 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - СОЦИОЛОГИЈА
 

Политичките идеологии во пост-идеолошката доба


Овој труд има за цел накратко да го претстави теоретскиот концепт на идеолгијата како и идеолошката конфликтност кој го остави својот белег во дваесетиот век но исто така и да ги претстави новите координати на поимањето на иделогијата на хоризонтот на постмодерното доба. Оваа анализа ќе ја разгледа либералната демократија како модел и ќе ја преиспита идејата за “крајот на иделогијата” . Предизвикот да се анализира идеолошката контура на современото општество е особно интересен со тримфалниот акцент кој ги добива либералната демократија особено по падот на Берлинскиот ѕид.
Основната теза на овој труд е дека аналитичкиот исход во истражувањето на политичките идеологии во голема мера е одреден од појдовна дефиниција за концептот како и историскиот контекст. Потребата од проучување на оваа димензија на човековата свест е круцијална за да се објасни начинот на интерпретирањето на социјалната реалност.
Можноста за стриктно дефинирање на поимот на политичката идеологија е во суштина невозможна и непожелна. Ваквиот теоретски хендикеп повеќе се должи на мноштвата дефиниции кои се користат за означување кои многу пати можат да бидат целосно контрадикторни едни со други. Поставувањето на рамка која ќе ги опфати сите неопходни карактеристики на идеологијата е навистина тешка главно поради неможноста да и се препише непроменлива карактеристика (Иглтон 2005: 358).
Поимот “идеологија” се појавил во општествената теорија од страна на францускиот филозоф Дестит Де Траси (1754-1836) кој сакал да ја воспостави како наука за идеите, со тоа што верувал дека како такви тие можат да се претстават како механизми низ кои функционира човековата природа и кои се гледаат во полињата како економија, политика и сл. Значењето на околностите кои довеле до појавата на поимот се особено важни за утврдување на првичното значење, поточно Де Траси поимот на идеологија го афирмирал за време неговиот затворски престој, во крајно идеолошки услови, за времето на Француската револуција поточно во време на владеењето на Комитетот за Јавна безбедност (1793-1794) кога се давале огромни напори за да консолидира републиката наспроти монархијата и нивната ројалистичка приврзаничка структура (Иглтон 2005: 116). Де Траси го создал поимот врз целосно рационална основа наспроти доминантните метафизички концептии за управување во политиката, економијата, со голема верба дека како таква таа ќе може да ја преземе улогата на создавањето на структурите на овие науки. Ова првично значење на терминот идеологија како наука за идеите поставена врз принципите на рационалност подоцна значително ќе се измени под влијание на Маркс и Енгелс.
Почнувајќи од најелементарно ниво можеме да земеме во предвид две крајности на концептот за идеологиите низ кои мноштвото дефиниции се темелат, едната би била рационално гледање на идеологијата која се задржува на неутралноста, фокусот е на општествената практика која се отелотворува во мисловна целина, во оваа рамка на поимање на идеологијата можеме да дојдеме многу близу до терминот култура. Современата политичка теорија истакнува јасна тенденција да гледа на иделогијата да се означи како "група на политички верувања за тоа како општеството треба да биде и како да се подобри, без разлика дали овие верувања и идеи се вистински или лажни, добри или лоши". (Adams 2001: 2)
Сепак, како што наведува Иглтон ваквото поимање на идеологијата како “општествена детерминираност на мислата” создава практична неупотребливост бидејќи доколку ја употребиме ваквата позиција ќе се најдеме во состојба да ги отфрлиме клучните компоненти како “значењето на афективните, несвесните, митските и симболичките димензии на идеологијата, како и начините која таа ги конституира проживеаните, навидум спонтани односи на поединецот кон структурата на моќта и станува невидлива боја на секојдневието” (Иглтон 2005: 358).
Од друга страна го имаме пејоративното гледање на концептот за идеологија кој е најмногу афирмиран во крилото на марксистичката теорија и кое на идеологијата гледа репродуктивен механизам на лажната свест која има за цела да ги легитимира скриените интереси на доминантната владеачка класа, во тој поглед марксизмот го создал поимот на лажна свест со што владеачката класа ги адресира вистинските проблеми но им создава мистификациски карактер. Исто така важни елементи во рамките на овој поглед се начините на кој “знаците, значењата и вредностите ја помагаат репродкуцијата на доминантната општествена моќ” (Иглтон 2005: 358).
Низ зборовите на Алтисер, „она што е претставено како идеологија не е системот на реални релации кои владејат со постоењето на индивидуите, туку замислените релации на оние индивидуи кон реалните релации во кои тие живеат”(Zizek 1995: 79).
Сепак ова гледиште доживува дисквалификација (дури и од одредени истакнати неомарксистички мислители) во поглед на лажната свест бидејќи како што посочува Иглтон, "тврдењето дека постои лажна свест значи дека постои некоја друга свест која е непогрешливо исправна и достапна само за одредена мала група на познавачи со што е целосно спротивна на современиот демократски сензибилитет" (Иглтон 2005: 30).
Имајќи ги во предвид контурите кои ги изложивме како следен чекор може да ги поставиме неколку од начините за дефинирање кои ги предлага Иглтон кој од една страна не ги исцрпува сите можни начини но од друга страна сите овие ги содржат основите кои се потребни за да се изгради теоретска рамка потребите на методологијата за понатамошна анализа на идеологијата (Иглтон, 2005: 60-62):
Првата дефиниција која може да произлезе посочувањето на идеологијата како "општ материјален процес на создавање верувања, идеи и вредности во општествениот живот", со што вака поставената широка рамка ни дозволува многу работи да ги вброиме како идеолошки кои сепак можеме да и ги препишеме на културата .
Втората дефиниција ги опфаќа "идеите и верувањате кои ги симболизираат условите и животните искуства на една конкретна, општествена значајна група или класа", со што се обрнува внимание на критериумот врз кој одредена група се означува како значајна во рамките на пиширокото сфаќање на општеството.
Третата дефиниција ги опфаќа идеите и верувања на општествено значајните групи но и се обидува да ги "промовира и легитимира наспроти спротивствените интереси". Со тоа што покрај формата на колективно симболичко себеизразување се отвора нова димензија на овие карактеристики, потребата тие да се конситуираат наспроти спротивставените интереси.
Четвртата дефиниција ја инкорпорира "промоцијата и легитимирањето на партикулартните интереси но и ограничување на активностите на доминантната социјална сила". Авторот ја истакнува епистемолошката неутралност на дефиницијата со што нé упатува на понатамошна доработка на овој концепт.
Петтата дефиниција ги означува "идеите и верувањата кои помагаат да се легитимираат интересите на владеачката група и класа особено преку нивното искирување и преправање".
Шестата дефиниција на идеологијата ја означува "материјалната структура во целост како причина за користење на лажните и невистини верувања, но не произлегуваат од интересите на доминантната класа". Во оваа дефиниција се отфрла класното потекло, но го задржува пејоративниот карактер како одлика користењето на средствата за легитимација на ваквото гледиште.

Карактеристиките на идеологиите ќе ни помогнат во понатамошното допрецизирање на поимот, суштината и значењето на поимот, но и на структурата, во тој правец првенствено ќе го земеме Тери Иглтон кој наведува неколку карактеристики (Иглтон 2005: 82-109), но и други автори кои сакаат да ја истакнат комплексноста на дефинирањето на идеологиите.
Идеологиите унифицираат, како што наведува Иглтон, во смисла што тие самите не се унифицирани туку групата со нејзина помош успева да се оствари себеси како идентитетска цела. Една од првичните цели на иделогијата е да оствари интерна хомогенизација во рамките на целината иако ретко кога тие самите се хомогени.
Оваа нивна структурна одлика потекнува од потребата на идеологијата да изгради самоидентитет, меѓутоа тој идентите се гради единствено преку признавањето на спротивставените идеологии, доминантната наспроти опозиционите идеологии.
Унифицирањето е моќна фунција во остварувањето идентетска целина која во општествата има особено значење, "колективните идентитети се дефинираат единствено негативно, односно главните координати се "Ние" и "Тие"(Hobsbawm 1996: 40)
Потикнувањето акција е значајна каратекристика на идеологијата, нејзината ефективна применливост во општествена реалност е во голема мера зависна од структуираноста за конкретна политичка акција. "Идеологиите се вистинска филозофија бидејќи тие се резултат на филозофската вулгаризација која ги доведува масите до конретна акција, до целосна трансформација на реалноста" (Schwarzmantel 2004: 3), истакнува Антонио Грамши, кој во продолжение ја сместува "идеологијата позиционирана во меѓупростор помеѓу филозофијата и дневната пракса", со цел да ја прикаже најзината практична сила. "Таа мора да претставува детално разработен мисловен систем, но и да ги опфати подробностите на секојдневието, мора да биде и научен труд но и извик на улиците"(Иглтон 2005: 87). Во тој правец идеолгијата покрај пропишувањето на чувството на припадност, идеалите кон кои треба да се стреми нужно продуцира и конкретни активности кои би ги оствариле овие цели. Либерализмот има за цел да изведе конкретни мерки кои ќе ја гарантираат и промовираат слободата на индивидуата, социјализмот упатува на конретни политички активности кои имаат за цел да го отфрлат капитализмот, анархизмот има за цел да ја укине држава претставена како репресивен механизам, и слични конкретни дејства инспирирани од својата идеолошка матрица.
Рационализирањето како карактеристика на идеологиите има за цел да "дадат убедливи објаснувања и убедувања за одредено општествено однесување кои инаку би било подложено на критика". Но како што наведува Иглтон, категоријата на рационализација е одлично претставена во психоаналитичката теорија, со што во самиот чин на рационализација вистинскиот мотив е скриен од субјектот. Ваквата интерпретација на теоријата на рационализирање не мора нужно да значи дека е случај во анализата на идеологиите но во зависност од поимното дефинирање може да биде од корист. Низ зборовите на Иглтон, "оние кои се убадени дека во Англија нема да може да се дише доколку се дозволи поголем влез да имигранти, најверојатно рационализираат еден расистички став" (Иглтон 2005: 92).
На тој начин, самиот модел на рационализација може да се примени и на најниско индивидуално ниво а тоа е психолошката потреба да се најде прифатливо објаснување за состојбата во која се наоѓа индивидуата.
Легитимацијата е тесно поврзана со рационализацијата, во таа смисла што таа се обидува да оствари прифаќање на нејзините идеолошки содржини со помош на нејзината владеачка сила од страна на нејзините подредени. И двата елементи како што посочува Иглтон, може да имаат пејоративно значење, во смисла на лигитимирање на недозволивите интереси, но не мора секогаш да е тоа случај. Легитимацијата многу повеќе се одигрува на едно симболичко ниво кога се работи за концептот за идеологијата, во смисла дека таа треба да произведе содржини, идеи и вредности кои треба да се интернализираат од страна на нејзините субјекти, за да се постигне прифаќање на постоечката идеолошка рамка. Гледајќи од една широка рамка на легитимирањето на интересот од страна на некој владеачки субјект, секогаш постојат материјалните средства кои стојат на арсполагање со кои се постигнува согласност, но интересот на легитимирањето во идеолошкиот дискуср се одигрува на еден многу посуптилен начин. Материјалниот аспект на постигнување легитимитет е прикажан во анализите на Луј Алтисер со неговиот концепт на идеолошки државен апарат, посочувајќи дека „идеологијата секогаш постои во апаратот и во неговите практики“, токму овие практики го предизвикуваат идеолошкиот ефект потребен за легитимација, Алтисер ја презема аналогијата предложена од интимната религиозна конфузија на Блез Паскал, „клекни долу, движи ги усните како во молитвата и ќе поверуваш“(Zizek 1995: 81).
Универзализацијата на интересот е особено значајна карактеристика на идеологиите, на тоја начин што таа има потреба да ги формулира своите интереси како универзални со цел да го избегне партикуларниот карактер и да може да ги легитимира интересите. Имајќи го тоа на ум, еминентниот неомарксист Луј Алтисер ќе истакне дека "идеологијата нема надворешност"(Иглтон 2005: 102), дека сé е вклучено во нејзиниот координатен систем. Токму затоа постоењето на слични или сродни идеологии се тегобен проблем, на тој начин се заокружува досегот на постоечката идеологија.
Натурализацијата претставува елемент со кој идеологиите се обидуваат своите верувања да ги претстават како природни и очигледни, на тој начин доколку се работи за доминантна идеологија, таа би оставила многу малку простор за можна критика.
Оваа карактеристика идеологијата ја прави природен производ на начинот на кој се поима општествената реалност. Натурализацијата има за цел да го отфрли нужно инхерентниот историски карактер бидејќи на тој начин таа би имала свој почеток и крај. Како што сметаат Маркс и Енгелс во Германска Идеологија, “да се сметаат формите на свеста за автономни, на магичен начин ослободени од социјалните детерминанти, значи тие да се одвојат од историјата и со тоа да се претворат во природни појави” (Иглтон 2005: 105).

Имајќи го во предвид досега изложениот преглед на структурата на идеологијата можеме со сигурност да го потврдиме нејзиното силно влијание во детерминирањето на свеста и конкретните историски случувања во поголемиот дел од 20 век.
Од една страна појавата на нацизмот и фашизмот како идеологии кои произведуваат колосални промени во поимањето на човештвото, се во голема мера потикнати од едно реакционерно идеолошко јадро. Втората Светска војна може да се анализира како идеолошки судир помеѓу идеите на инспирирани од Просветителството: либерализмот и социјализмот кои во центарот на своите теориски концепции го сместуваат човекот и неговата вродена рационалност, наспроти идеологиите на фашизмот и нацизмот.
Периодот по крајот на Втората Светска Војна означен како Студената Војна е можеби најрафинираниот идеолошки фронт кој човештвото го познава. Се до распадот на Советскиот Сојуз, современото човештво живее во идеолошката поларизација предводена од либерализмот на Соединете Американски Држави и нејзините Европски сојузници од една страна и Советскиот Сојуз кој својата идеолошка поткрепа ја црпи од социјализмот на марксистичката традиција. Овој историски период е одбележан со висок идеолошки набој кој скоро секогаш бил на врвот од својот потенцијал иако објективно гледано немало непосредна опасност од нуклеарна војна, но апокалиптичната реторика на САД и СССР ја создавала сликата дека тоа може да се случи секој ден (Хобсбаум 2001: 349).
Новиот хоризонт донел многу оптимизам во поглед на изгледите дека подобар свет е возможен, традиционалниот концепт на рамнотежа на силите условуван од големите воени сили и геополитиката сега го отстапува местото на постодерниот курс на политичко управување. Овој курс во голема мера конвергира со карактеристиките на процесот на глобализацијата, поточно на сцена стапува ерата на гео-економијата, силниот акцент на економскиот тесно интегриран развој и надминување на проблемите предизвикани од нацијата-држава и моќта (Kagan 2008: 20).
Падот на Берлинскиот ѕид и подоцна распадот на Советскиот Сојуз за многумина теоретичари означуваше недвосмислен показател дека таа идеолошка конфронтација конечно го доживеа својот крај. Делото на Френсис Фукујама “Крајот на историјата и последниот човек“ навистина стана појдовно и референтно за многу теми, најчесто во поглед на потребата да се означи крај на една доба и влез во една сосема поинаква. Можеби и периодот во кој се појавува делото на Фукујама, кратко пред падот на Берлинскиот ѕид и неговиот антиципирачки тон за падот на комунизмот во Европа му дадоа особено големо влијание во теоретските дебати поврзани со темите идеологија, крајот на историјата.
Ендизмот како постмодерно движење кое го елаборирало концептот за крајот на историјата е особено важна во расправата за идеологија од причина што идеологијата е производ на модерната, со крајот на историјата како прогресивен процес запира и модерната а со нејзе и идеологијата (Sim 2000: 13). Несомнено, постмодерната ја иницира добата која ја отфрла идеологијата како дел од еден голем мета-наратив за управување на општеството, а со тоа ја прогласува новата доба за постидеолошка.
Клучниот елемент во постмодерната е одлучното отфрлање на "рационалноста" на начинот на кој била досега поимана, поточно како механизам за прогрес на човештвото.
Тезата на Фукујама е дека идеалот на либералната демократија е крајниот производ кој нема идеолошки соперници и дека човештвото понатаму историски не може да го подобрува. Фукујама на широката популарност која ја стекнува неминовно дополнително го истакнува неговото поимање на „историјата разбрана како единечен, кохерентен и еволутивен процес“ (Sim 2000: 20).
Верувањето дека крајот на Студената војна ја окончала идеолошката спротивставеност и не оставила алтернатива на либералната демократија, како што тврди познатиот социолог Зигмунд Бауман, тој ја опишува како состојба на „живеење без алтернатива“ (Sim 2000: 59). Но она што Роберт Каган ќе се обиде да го потврди е дека иако "комунизмот заминал од сцената, моќните предизвикувачи на демократијата сеуште не се заминати" (Kagan 2008: 54), посочувајќи на современти авторитарни режими кои немаат скоро ништо загубено од својата виталност, туку сосема напротив.
Размислувањето кое е карактеристично за периодот по крајот на Студената Војна, поточно во периодот на зачнувањето на либерално утопискиот сон на Фукујама, како што посочува Каган, е дека „нациите немале избор туку да се либерализираат, прво економски, подоцна политички“ (Kagan 2008: 5). Ова идеја за либерализација на меѓународните пазари која ја истакнува Каган и која изгледа можна со оглед на новата констелација на клучните фактори, е втемелена во традиција на Просветителството, поточно кај Монтескје, со верувањето дека „природен ефект на трговијата е да води кон мир“ што Фукујама подоцна ќе го надополни дека трговијата целосно ќе ги трансформира самите десктруктивни инстинкти на човекот (Kagan 2008: 6-8). Состојбата која ја скицира Каган во современиот геополитички свет по Студената војна наспроти аргументација на Фукујама, ни дава јасна слика за проблемите со кои се соочува универзалната прескриптивност на либералната демократија. Од една страна авторот ни ја посочува пошироката европска политика која се движи по курсот на постмодерната формулација, со градење високо интергирана институционална заедница на Европската Унија и слабеење на значењето на нацијата-држава а од другата страна се обидува да ни го сврти вниманието на успешната консолидација на големи светски сили низ автократски координати. Нивнато успешно економско издигнување им овозможило во меѓународните односи да се наметнат како значајни играчи. Внимателната анализа на големите сили како Русија, Кина, Индија, Јапонија, авторот ја формулира неодмиливаат теза дека големиот економски раст нужно продузира силна национална држава, економската благосостојба на државите е условена од нивната трговија со надворешните партнери а токму овој однос ја повикува силната национална држава на сцена. Новата состојба која ја опишува авторот многу наликува на периодот на градењето на големите нации, период во кој национализмот има клучна улога во дефинирањето и остварувањето на интересите. Оската која ги дели идеолошките табори се наоѓа помеѓу либералните демократии предводени од Соединетите Американски Држави и нивните Европски сојузници една страна и автократските режими на Русија и Кина, и упатува на тоа дека „светот нема да навлезе во нов идеолошки судир од оној вид кој доминираше во Студената војна. Но новата ера, наместо да биде време на „универзални вредности“, ќе биде ера на растечки тензии и некојпат отворени конфронтации помеѓу силите на демократијата и силите на автократиите“ (Kagan 2008: 58).
Несомнено и насловот на делото јасно ја формулира својата спротивставеност на либералната утопија на Фукујама- "Враќањето на историјата и крајот на соништата"- концептот на "крајот на историјата" е релативизиран со повратниот бран на издигнувања кои претставуваат олицетворение на националната држава.
Идеологијата во нејзината најосновна форма може да се интепретира како управувачка линија која ги конституира овие спротивставени режими, без да се внесува класичната марксистичка компонентата дека позади овие портретирања на политиката се кријат антагонистички интереси. На овој начин, идеологијата ги раководи начините на кои се формулираат кординатите за широка општествена организација и воедно и начините на кои се постигнува легитимитет.
Корените на идеолошкиот зачеток во анализата на економскиот развој на Русија, Каган ги забележува во краткиот период по распадот на Советскиот Сојуз и радикалната политика на Русија за широка економска либерализација, таквата акомодација на политиката под водство на Јелцин во голема мера се гледа како понижување и целата доверба за враќање на угледот се внесува во политиката на Владимир Путин (Kagan 2008: 15). Состојбата дека Русија е понижена функционира на одредено ниво како сила за политичка акција низ идеолошката рамка за успешната консолидација.
Во оваа компонента лежи силниот легитимационен капацитет кој го следи Владимир Путин во исполнувањето на целта Русија повторно да биде она што беше за време на Студената војна, „почитувана и со силно влијание“. „Состојбата со обвинувањата внатре во Русија денес многу потсетува на Германија по Првата Светска Војна, кога Германците се жалеле на „срамниот диктат од Версај“ кој и бил наметнат на Германија од страна на победничките сили и корумпираните политичари кои го рабиле ножот во грб на нацијата“ (Kagan 2008: 16). Другиот аспект на консолидацијата на Русија наспроти Западот е секако во конкретно материјалниот поглед на експлоатацијата на нивните потенцијали со нафта, огромните резерви со јаглен, како и големата зависност на Европа од рускиот гас, со голема јасност ја воспоставува Русија како голем играч на меѓународниот простор.
Состојбата која ја наведува Каган ја следи скоро истата идеолошка траекторија во случајот со Кина, поточно како реакцијата која се остварува со глобалното прокламирање на либералната демократија на САД и другите истомисленици од една страна и растот на националните економии од друга страна.
Брзиот раст на Кинеската економија се должи пред се на нејзиното големо економско интегрирање во трговијата на меѓународниот простор особено со Америка и големото дипломатско интегрирање, со што Кина успеа да се издигнр како една од најбрзо растечките економии. Овој раст, како што грижливо не упатува Каган, оди паралелно со големите стратешки планови за зголемување на издатоците за модернизација на војниот арсенал кој го поседува Кина. Специфичноста која се пронаоѓа кај Кина е големиот раст на капитализмот кој не е втемелен во либералната демоктарија која со доза на природност се смета за негов дом, наспроти тоа успехот во неговата политичка димензија се должи на стриктната политика на Комунистичката партија на Кина.
Имајќи во предвид дека глобализацијата претпоставува висок степен на меѓузависност на сите субјекти во меѓународниот пазар, слободното движење на стоки и услуги, Кина успешно се снаоѓа во ваквите констелации, но станува нејасно на што се должи силното национално чувство кои се гради во координатите на оваа успешност. Постои силна политичка поларизација и покрај комплексната економска интеграција, овие два процеси го одвиваат на две посебни нивоа. Кинезите долго време се чувствувале исфрлени од меѓународната политика и економија, загрозени од директното влијанието на САД во протестите на плоштадот Тиенанмен кое имало крвава разрешница, подршката на САД за незамисноста на Тајван и Американското бомбардирање на амбасадата на Кина во Белград (Kagan 2008: 32).
Ваквите случувања ја наведуваат Кина да го отфрли курсот на постмодерната политика и да се концентрира на стариот концепт на силна национална држава и армија и повторно да се избори за “своето заслужено место“ во широките геополитички размери.
Идеологијата одредена од теоретската рамка како систем од идеи е верувања за управување на општествените процеси, несомнено не доведува до импицитната компонента која се осврнува на тоа дека конкретните политички акции се легитимирани како реакција на состојбата во која се наоѓала Кина пред нејзиното економско издигнување. Ваквата констелација и општествено-политичките институции се моделирани во функција на амбициите на Кина да и се врати достоинството и влијанието, поточно „прашањето не е само од материјален интерес, туку од национална годост и чест, поврзани блиску до прашањето на националниот суверенитет“ (Kagan 2008: 35).
Анализата на Роберт Каган на големите светски сили и нивното современо политичко движење во кратка линија го скицира со насловот на неговата книга, означувањето на „крајот на соништата“ е директна последица на неуспехот на се координира глобалната политиката низ координатите на економска соработка и надвор од концептите на моќта и нацијата-држава, каде нивниот успех или неуспех следи специфична траекторија условена од низа конректни политички, културни и идеолошки компоненти. Враќањето на историјата е појавата на реминисцентност на целото идеолошко градиво кое го придвижуваше политичкиот свет се до распадот на Советскиот Сојуз, по кратката непрегледност очигледно е дека старите концепти се во новата игра низ глобални рамки.
Низ едно пошироко поимање, концептот на еволуција како прогресивна сукцесија која неминовно ќе доведе до консолидација на политичка конфигурација која ќе го отсликува човекот во неговата целосна индивидуална слобода наречена либерална демократија не успева она како што се предвидуваше отпочеток.
Неуспехот на либералната демократија да се имплементира или дотолку да ја потврди својата универзалност е прашање кои ужива големо внимание во современата неомарксистичка теорија, нивните теоретски постулати ја разрешуваат идејата за универзалниот карактер на либералната демократија преку нејзините целосни неуспеси. Низ зборовите на Славој Жижек, но по моделот на Хегел, „изгледа дека утопијата на Фукујама од 1990-тите мораше да умре два пати, почнувајќи од колапсот на либерално-демократската политичка утопија на 11 Септемви 2001 како да немаше значење за економската утопија на глобалниот пазарен капитализам, доколку финансиската криза од 2008 година има некое историско значење , тогаш тоа е како знак за крајот на економското лице на сонот на Фукујама“ (Zizek 2009: 7).

Низ овој тeкст се обидовме накратко да направиме аналитички преглед на структурата на идеологијата и рамките на нејзиното дефинирање. Потоа нашето внимание го осврнавме на идеолошката димензија низ конретните историски услови со цел да го видиме нејзиното влијание во формулирањето на системот на идеи и вредности земени во општеството како такво, и во рамките на конретни земји како Русија и Кина. Искуството од анализата на примери за овие земји не упатува на заклучокот дека и покрај широката идеја за карактеризирање на сегашноста како пост-идеолошка, голем дел од земјите успеваат да ги дефинираат и реализираат своите општествени цели низ идеолошки координати. Процесот на глобализација иако постави широки рамки на полето каде ќе постои меѓузависност и соработка сепак очигледен е процесот на издигнување на нацијата-држава, натпреварот за моќ и промовирање интерес.
Фокусот на либералната демократија е особен предизвик за анализата на идеологијата во одредена мера поради акцентот кој и е даден како формула на најдобар можен систем. Нејзината вредносна елаборација е значајно прашање со оглед на големите проблеми во поглед на нејзината емпириска потврда и покрај очигледната супериорност.


Користена литература:

Иглтон, Т. (2005) Идеологија. Скопје: Темплум.

Хобсбаум, E. (2001) Доба на крајности, Том II. Скопје: Темплум.

Adams, I (2001) Political Ideologies today, Second Edition. Manchester: Manchester University Press.

Kagan, R. (2008) The return of history and the end of dreams. New York: Alfred A. Knopf.

Hobsbawm, E (1996) “Identity Politics and the Left”. Во New Left Review, May-June 1996. London: Verso.

Sim, S. (2000) Derrida and the End of History. New York: Totem Books.

Schwarzmantel, J (2004) Hegemony and contestation in post-ideological society. Во „Working with ideology in a 'post-ideological' age“, http://www.essex.ac.uk/ecpr/events/jointsessions/paperarchive/uppsala/ws3/Schwarzmantel.pdf (15.12.2009).

Zizek, S. (1995) Mapping Ideology. London: Verso.

Zizek, S. (2009) First as tragedy then as farce. London: Verso.

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD