ГЛАВНА СТРАНИЦА

 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА
 

Народна балада

За македонската народна балада постојат многу определби. Мнозина истражувачи ја поврзуваат народната балада со онаа балада којашто ја сретнуваме во литератрата, иако во принцип не треба да се меша со усното творештво. Поради својата сродност и очигледна блискост со епските народни песни, бидејќи помеѓу нив не постојат побитни формални разлики, иако баладата претставува сосема нова структура, таа често се идентификува како покуса форма на епска песна, поради што и постојат мислења дека баладата се развила од епосот. Во случајов раскажувачкиот карактер на баладата е аргумент за ваквото мислење, што не така лесно може да се отфрли. Меѓутоа, основните белези на баладата: фрагментарноста на раскажувањето и скоковитиот развиток на дејството, отсуството на големи стилски ретардации во детали и дигресии, потем силните чувства и лирските расположби, покрај драматската нејзина концепираност, како и постоењето на припеви – упатуваат баладната повеќе да одговара на лирските творби, зашто и нејзината основна интонација е лирска. Наспроти на епските песни, во баладите не е клучен настанот за кој се пее, без оглед каков е тој, туку начинот на кој се објаснува сплетот на приликите што довеле до еден чуден, исклучителен настан со трагични последици. Инаку, неспорно е само мислењето дека народната балада е раскажувачка (наративна) песна, без оглед дали таа е поврзана со игра или не. Не е спорно, исто така, дека баладата никнала во средината на народот врз индивидуални креации во духот на народната поетска традиција. Во македонското народно поетско творештво, и во најстарите записи и збирки, баладите се застапени со бројни мотиви. . Колку биле несигурни класификациите на баладите и на народните песни воопшто, за пример може да послужи Зборникот на Миладиновци. Во предговорот Константин Миладинов подредувањето на песните накусо го објаснил со следниве зборови: ”Песниве се разделени на самовилски, црковни, јуначки, овчарски, жаловни и смешни, љубовни, свадбени, лазарски и жетварски.”
Од ова објаснување на Константин Миладинов произлегува дека поделбата на песните тој ја извршил според народните термини за одделни видови песни, а тие не водат сметка за тематската конкретност на епските или лирските жанрови разновидности.
Во Зборникот на Миладиновци групата жаљовни песни содржи само балади – содржи само балади – 34 на број. Овој народен термин за песните со трагичен крај овде е употребен за прв пат. Во народот и денес баладите се именуваат како жаловни, жални, жаловити или тажни песни.
Анализата на групата жаљовни песни укажува дека ја сочинуваат балади со митолошка, историска, семејно-битова и социјална тематика.
И другите собирачи од XIX век од подредувањето на своите збирки со македонски народни песни постапувале слично. Ни еден од нив баладите не ги издвоил во посебна група, ниту овој термин го употребил. Слична пракса продолжила и во XX век.
Баладите се групирани во збирката на Панчо Михајлов, но и во неа балади има и во другите групи. И состојбата со големата збирка Македонски народни песни на Коста Црнушанов е идентична.
Како наполно издиференциран поетски жанр во народната поезија неопходно е баладите да се издвојуваат и класифицираат, без што не се можни проучувањата на нејзините бројни проблеми. Во фолклористиката имало повеќе обиди за класификација на баладите, обично од историскиот принцип на класификацијата, при што се одвојувале, врз неопределена хронологија, посебни групи. Токму различните приоди кон овој проблем ја наметнаа потребата за една меѓународна класификација. Во нашево совремие условена е следнава рамковна класификација на баладите со 11 групи:

- Балади со митолошка-магиска содржина,
- Балади со легендарни мотиви,
- Балади со љубовни конфликти,
- Балади со семејни конфликти,
- Балади со социјални конфликти,
- Историски балади,
- Борбени (јуначки) балади,
- Балади за судбини и катастрофи,
- Балади за човечки свирепости,
- Хумористични балади,
- Балади за природата и космосот.


Во ова истражување ќе се задржам на семејните, љубовните и историските балади.
Семејно-битовите балади што некои научници го именуваат како новолистични балади претставуваат настани за оделни конфликти којшто настануваат внатре или надвор од семејството. Потеклото, староста и развитокот на баладите се појаснува со белег на баладата како жанр. Семејно-битовите балади понекогаш се поврзуваат со историскиот развиток на семејството. Многу чест баладен мотив во македонските народни балада претставува мотивот за смртта на момата на денот на свадбата. Во семејството се појавува конфликт коишто многу препознатливо се гледа во стиховите. “ Следните стихови веќе разоткриваа конфликт во семејството кој наскоро се преобразува во трагедија стрикото на момата бара момче за кое ќе ја омажи внука си, но:

“Нигде стрико не га даде
Нето срце и тргнало”

Неизбежен и многу важен мотив во македонската народна балада преставува и мотивот за мажењето на момата во туѓина.Во овие балади главно трагичниот настан доаѓа тогаш кога невестета се разделува од својата мајка:

“Как’ ги видела Стана невеста,
Бре прегрна се сос стара мајка
И тамо душа бре и дала”


Ако направиме анализа на горенаведите стихови, ќе забележиме дека не постои толку голем трагичен мотив. Можеме да направиме само една психичка анализа. Значи мајката е во еден безизлез, во една така наречена конфузна состојба. Жали за својата ќерка.Со силната прегратка е искажана мајчинската љубов којашто силно боли и пече. Жали за разделбата . Тоа се само последица на одредени потреси и дожувувања. Верноста и неверноста на брачните односи се исто така еднакво експлоатирани баладни теми. Овие балади многу малку се разликуваат од љубовните балади, односно разликата се гледа во нивната последица. Така во баладата Љубовник и механџика Ника , Ника се согласила за неверство, предупредувајќи го љубовникот дека има машко дете – “шчо да видит, сфе кажуват” Овој детето го заклал.Татко му сонувал лош сон: “ го укаса љута змија/меѓу двете очи”, па побрзал дома и си го побарал детето. Жена му го излажала дека детето умрело и дека го закопала. Меѓутоа, тој го нашол своето дете заклано па жена си жестоко ја усмртил:

Си ја зави в рогозина,
В рогозина смолосана,
Ја запали сред- куќа!


Во кругот на баладите и семејното живеење постојат балади коишто се градат врз мотивот на “делба на двајца браќа”. Ако ги разгледаме македоснките зборници ќе забележиме дека овие балади не се баш најчести во македонската традиција. Овој балади се најчести во книгата на Михаил Арнаудов: “Баладни мотиви в народната поезија” објавено во Софија во 1964 година. Најчест мотив во овие балади е делбата на татковиот имот. Отаму произлегува конфликтот односно ривалството што се јаувава кај двајцата од нив. Разделбата на браќата произлегува и кога ќе се оженат,(макар и еден од нив). Еве еден пример забележан во с. Волковија:

“Два брата се разделија
Во вториот: Еден женет, а еден неженет”
Скарале се два браќа роѓени,
Скарале се Јанкула и Секула.”


Како е да е, семејните балади се многу често застапени во зборниците на нашите собирачи. Овие балади најмногу можеме да ги забележиме и препознаеме во зборникот на Миладиновци.
Согледувајќи ги мотивите на љубовните балади можеме да дојдеме до заклучок дека во овој вид балади се напишани од најразлични мотиви: несреќна љубов, недозволена љубов (инцест), грабежи на мома и бегства, верна и неверна љубов, испитување на љубовта, убиства и др.
Најшироко распространети во македонската писмена традиција претставуваа љубовните балади чијшто мотив е поврзан со несреќната љубов. Овие песни најчесто завршуваат со смрт. Како резултат на несреќната љубов можат да се појават повеќе причини.
Во прекрасната балада ЈАНЃЕЛИНО , малој моме9 родителите не ја давале Јанѓелина за Стојан бидејќи тој бил сиромав. Иако не бил поканет на свадбата тој дошол. Кога невестата сакала да му бакне раката на кумот и старосватот, золвите ја советувале:

- Jанѓелино, наша снао,
Не разметај црни очи
Горе-доле, низ трпеза!


Во баладата Заљубили се до две ми луди маќеата ги отрула љубовниците, но сепак не ги разделила бидејќи на неговиот гроб никнало кипарисово дрво, а од девојчето црна цреша. Ваквите метаморфози се симболични одрази на силната и верната љубов. Постои и љубов која завршува трагично поради смрт. Во една варијанта, додека момчето било на печалба, неговата свршеница умрела и момчето дошло таму на денот на закопот. Друга пак момчето веднаш умрело кога разбрало за несреќата на свршеницата и др. Во балдата Болно лежит мало моме се пее:

Болно лежит мало моме,
Болно лежит три месеци,
М’ка имат, т’га имат,
Т’га имат за лудото.

Попривлечна балада е и баладата Стојна и момчето и. Во оваа балада се зборува како снааи на Стојна ја излажала дека момчето и умрело. Стојна од жал си ја собрала рубата:

И си завали два огна:
Во еден фрли рубата.
Во други фрли дарои,
Извади ноже, с убоде!

Но момчето се вратило и снаата пак го излажала:

Еј гиди, момче, јуначе!
Кај идеш, кај коња мориш?
Тебе ти Стојна умрело,
Ушче првата година!

Момчето од голема жал, од страв кон иднината, од разделбата на својата сакана, неможејќи да го продолже својот живот решава да си го одземе својот живот и се самоубива.
Во баладите исто така е опишана и верноста и изневерата во љубовта. Верноста може да ја прикажеме преку следниот пример, кога мажот оди на печалба.Тој таму останува девет години. Кога се враќа ја гледа жената во црно и ја прашува зошто го носи. Таа не го познала и одговорила дека жали по своето либе кое отишло на печалба, а тој и возвраќа:

Таксај ми , таксај, Јано ле, црните очи,
Јас да ти кажам Јано ле, за прва љубоф


Во друга балада пак се раскажува за момче кое отишло на печалба и по три години и праќа писмо на свршеницата со кое и кажува да не го чека и да се омажи за друг. Одалеченоста и промената на средината, навистина “ нуди поинакви норми на моралот, подруги сфаќање за животот.”16 Поради големата и неостварена љубов доаѓа до грабеж на момите. Тоа е опишано во една наша балада Марко поучен од мајка си, со итрин, успеал да ја грабне Јанка Влахинка.

Во љубовните балади инцестот почесто е сознателен и се објаснува со оној восхит пред убавината: “Убава мома род нема”18 Типичен пример за инцест претставува баладата Стојан си мајка на слуша19.Стојан бил многу натажен и мајка му го прашала што е причината за неговата тага, тој одговорил дека заљубил три девојки и и кажал дека едната е керќа на чичко му, втората е керќа на вујко му , а третата на кумот. Мајкаму го проколната змија да го изеде.На Ѓурѓовден Димо почнал да го молзе стадото и змијата се свила од ведрото:

Претрупала му ногите.
Изела му је руките,
Извртела му је очите,
Јиспила му је срцето,
Направила гнездо перчику.

Во баладата Бездушна Неда таа ја убила сестра и за да и го земе мажот, но ги убила и нејзините две деца. Но големата христијанска љубов кон ближниот е претставена преку послушноста на децата кон тетка си- бездушната Неда.
Македонските историски балади можат да се поделат на две основни подгрупи: 1. на балади со мотиви од турското робување и 2. балади со теми од револуционерната борба за ослободување од ропството.
Од баладите со историски мотиви меѓу најстарите можат да се издвојат мотивите за паѓањето на ”каурското царство”, за трите синџири робје, млада робинка, мотивот за потурчувањето и др.
Баладниот мотив за пропаста на ”каурското царство” има бројни варијанти, некои се поврзани со сништа, што се остваруваат. Во следниов современ запис славеј навестува:

- Чујте старо, чујте младо,
шчо ќу јазе да ви кажа:
турско царство ќе настане,
каурското ќе погине,
Турци земја ќе попленат,
шчо ми старо ќе погубат,
шчо ми младо ќе поробат,
дечицата ќе изгазат.

Мотивот три синџири робје широко е познат кај сите јужнословенски народи и најчесто е поврзан со легендарниот Марко Крале, кој успева робјето да го ослободи од Турците. Најиздржани баладни мотиви се теми од робувањето пеат за трагичните судбини на насилно одведените во ропство моми, момчиња, невести. Робјето се продавало на пазарите: мажите како работна сила (или се потурчувале), а момите и невестите за турските хареми:

Девет моми попленени,
попленени, откарани,
сите девет продадени,
која двеста, која триста,
тенко Кале цена нема.


Мотивите за потурчувањето се широко застапени во македонските балади со мошне разновидни пристапи во нивната обработка, но најпопуларни биле оние балади во кои робинките издржувале и тешки мачења, па дури се и самоубивале, не сакајќи верата да си ја променат. Така, во баладата Жална Кана , таа лежела во турска зандана:…”судна м`ка ми те м`чат, / сакат да ми те потурчат”. Нејзината мајка ја советувала да се потурчи, но Кана претпочитала да умре отколку да си ја смени верата.
Баладите со мотиви од вооружениот револуционерен отпор на македонскиот народ против поробувачите, главно, припаѓаат кон ајдутските и комитските песни, и кон песните од Првата и од Втората светска војна (НОБ). По своите општи белези, по карактер и тон, овие балади толку се испреплетено си историските балади што можат да се сметаат како нивни континуиран дел.
Во баладите со оваа тематика доминира херојскиот трагичен крај на одделни историски личности. Избрани баладни сижеи од ајдутските песни законито се пренесувале и во комитските песни, подоцна и во песните од Првата и Втората светска војна, се разбира со соодветни адаптации и промени, што сепак не ја менувале нивната суштина. Таа и не можела да се менува во голема мера, бидејќи во историскиот тек на револуционерната борба против поробувачите, иако карактерот на борбата се менувал, последиците за борците не се менувале: поробувачите со нив се пресметувале со исти средства и начини.
Ранувањето или загинувањето во борба, заробувањето и мачењата, и самоубиството како излез за да не се падне жив во рацете на непријателот и сл. – се најважни заеднички мотиви во баладите за борбениот отпор на поробувачите. Во баладата Бог да бие Дебрани дебарските Арнаути – арамии, пљачкајќи ги хрискијанските села по долината на Радика, заклале едно момче и му ја грабнале невестата. Таа постанувала по патот, а тие ја запрашале:

- Невевче, око калешо,
дали ти тежи герданот,
дали ти тежи рувото?

а невевчето одговорило:

- Дебрани, клети азбии,
ниту ми тежи герданот,
ниту ми тежи рувото,
тук ми е жал за рувото,
тук ми е жал за лудото.
Кога го вие колевте,
право во мене гледаше,
крвави солзи ронеше.

Саможртвата спаѓа меѓу најраширените балади со херојска тематика. Прочуениот ајдутски војвода од Прилепско Ѓорѓија Лажот, кога видел дека ќе биде заробен од Турците, знаејќи дека го очекува бесилка или набивање на колец, се самоубил:

Цевката в уста Ѓорѓи си ја тури,
ајде што ми пукна Ѓорѓи пушка мартинка,
само се отепа, леле, не се предаде.

И загинувањето на мнозина македонски борци, сеедно ајдути, комити или партизани, се воспева речиси на еднаков начин, со мали промени. Прочуената балада за отсечената ајдутска глава е блескав пример за јуначката смрт на еден ајдутин. Кога донесената негова глава ја познала мајка му, таа писнала: ”Оф, леле сине Стојане!” Растажената мајка турските сејмени ја смирувале, величејќи ја неговата смрт:

- Ашколсун, бабо, ашколсун,
алал му било млекото,
што си го син ти доила!
Девет планини прејдовме,
дури го син ти фативме,
девет синџири скинавме,
дури го син ти врзавме,
девет ножои скршивме,
дури го син ти заклавме.

Валадите Црна се чума зададе и Леле Јано, леле мило чедо за загинувањето на легендарниот водач на македонското револуционерно дело Гоце Делчев, што се забележени во многубројни варијанти, и во нашево совремие спаѓаат меѓу најпопуларните народни песни.
Револуционерната баладна традиција законито продолжила и во Народноослободителната борба. Пресечената глава на партизанката Рајна Скопјанката асоцира на споменатата пресечена ајдутска глава. Баладата Заграчиле две врани, гаврани (МНП, 194) за загинувањето на Рајна Скопјанката е успешна таква реализација, но и со бројни иновации.
Постигањата на македонската фолклористика во изучувањето на тематско-идејните и естетските вредности на народните балади се задоволителни. Покрај крупните студии на Кирил Пенушлиски и на Фанија Попова, за одбележување се обработките на одделни баладни мотиви, обично споредувани на поширок план. Така, во рамките на III-от меѓународен симпозиум на балканскиот фолклор во Охрид (7 и 8 јули 1983 година), во рамките на симпозиумската тема Историската балада на фолклорот на балканските народи, реферати за македонски балади поднеле: Никифор Робовски, Блаже Ристовски, Танас Вражиновски, Блаже Петровски, Марко Китевски, Коле Симитчиев, Трпко Бицевски. Одделно, на друго место, е објавен трудот на Цветанка Органџиева: Македонските историски балади за смртта на јунак во планина и гора (со оглед на сличните поетски остварувања и кај другите јужнословенски народи).


Користена литература :

ПЕНУШЛИСКИ, Кирил; Македонски народни балади. Изд. Македонска книга. Скопје-1983 г.
ПОПОВА, Фанија; Македонската народна балада.Изд, Наша книга. Скопје-1990 г.

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD