ГЛАВНА СТРАНИЦА

 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ЛИТЕРАТУРА
 

ДОН КИХОТ - Мигел де Сервантес

Географската положба на Шпанија и општествено-историските услови на нејзиниот развиток со векови го одредуваа формирањето и пројавата на посебноста на шпанскиот дух, карактер и менталитет, идентитет.
Наоѓајќи се на крајниот европски југозапад, заземајќи го најголемиот дел од Иберискиот полуостров, Шпанија е заградена од Атлантикот и Медитеранот од три страни, додека на северниот дел се наоѓаат високите Пиринеи кои ја делат од Европа. Така, во една географска изолација, засилена со туѓите доминации, римски освојувања, особено со осумвековното маварско владеење (VIII-XV век) и затвореноста на Црквата, таа станува тешко достапна за контакти со Европа, а со тоа тешко проточни, проретчени и бавни стануваат европските влијанија од континентот.
Таквата положба го претвора Иберискиот полуостров во поле на бурни настани, војни, преселби, вкрстувања и мешања на народи, раси, цивилизации со различни јазични и културни белези – од Лигури, Келти, Ибери до Феникијци, Грци и Картагенци, па сè до Римјани, Визиготи, Маври. Пагански богови кои ги заменуваат христијанството и јудејството, за да ги поклопи еден долг период на ислам и неговата култура, со што земјата навлегува во уште поголема изолација кон останатиот дел од светот.
Споменатата географска положба и општествено-историскиот развиток на земјата го создале посебниот карактер и менталитет на шпанскиот човек. Заграденоста со мориња, внатрешната разделеност на земјата со високите планини на неколку региони – од една страна плодните полиња и морето на Андалузија, од друга страна сувите и пусти предели на Кастилја, социјалните разлики и големата сиромаштија, создале чувство на осаменост, индивидуализам, стоицизам, предаденост на судбината, сколоност кон религија и мистика. Приврзаноста кон традицијата и затвореноста стануваат главен белег на шпанскиот темперамент и карактер.
Човекот е свртен кон реалниот живот, чувството на чест и витештво, морална строгост и приврзаност кон религијата и Бога, чувството на минливост со презирање на овоземниот живот во кој се прифаќа смртта како вечно блаженство. Таквото чувство и таквиот филозофско-етички став, соочени со реалноста на животот, оддалечени од фантастика, ја исполнуваат шпанската литература на средниот век и продолжуваат во сиот нејзин натамошен развиток. Тоа чувство се создава и формира особено во времето на маварската доминација и во вековите на борбата за ослободување – Реконквиста, што кулминира со развиток на Кастилја под Католичките кралеви, со ослободувањето на земјата од Маврите и со откривањето на Америка во 1492г, сето тоа нашло свој израз во литературата, уметноста – воопшто, отварајќи една нова страница во животот на земјата и на светот.
Затоа некои проучувачи ја сметаат шпанската книжевност за најосамената книжевност во Европа, а со тоа и најоригинална, но и најтешко достапна. Европскиот човек не можел докрај да ја сфати ниту праведно да ја оцени. Културното влијание кое го извршиле Арапите било преголемо за останатиот дел од Европа која била сè уште варварска. Во секој случај, оваа книжевност ќе остави дела од светско значење кои ќе дадат голем допринос на светската книжевност.
Често се кажува дека шпанската историја е една голема трагедија. Од водечка европска земја, со голем број на колонии во Новиот свет од кои црпела неизмерни богатства, од Шпанија останал само „скелет на џин“. Многубројните војни, подигањето на скапи градби за искажување на моќта и престижот, ја оставиле Шпанија до ден денес сиромашна и неразвиена.
Многумина ја сметаат Шпанија за поразлична од останатите земји од Европа. Токму затоа е нормално да се очекува книжевност која е специфична, автентична и поразлична од останатата европска книжевност.

ХУМАНИЗМОТ И РЕНЕСАНСАТА ВО ШПАНИЈА

Периодот од речиси два века, од почетокот на XVI – XVII век, наречен Златен век, претставува врв на развитокот на шпанската уметност и литература, што со афирмација на новиот сензибилитет, новите поетички форми и на плејада автори и дела го обележуваа расцутот и иднината на шпанската култура и зазема истакнато место во развитокот на европската литература и култура воопшто. Тоа е време на големиот политички, економски и културен подем на Шпанија, што со ослободувањето на Полуостровот, развитокот на граѓанството и откривањето па и брзото збогатување од Америка – таа станува најголема светска сила. Ако првиот дел од овој перид ја искажува големата експанзија на сите полиња, веќе на крајот на XVII век, со исцрпувањето на економската и политичката моќ, претставува нејзина декаденција, губење на политичкиот престиж и осиромашување и само културата, односно книжевноста и уметноста уште некое време го продолжуваат нејзиниот восхитувачки расцут. На духовен терен овие општествено-историски процеси го овозможуваат Златниот век кој почетокот и сиот XVI век го обележува со појавата и подемот на ренесансата, додека XVII век се одвива во знакот на развојот на барокот и на неговото гаснење.
Хосе Гарсија Лопес, ренесансата во Шпанија и воопшто ја претставува како „ентузијастичка валоризација на светот и човекот, предводена од познавањето и обожавањето на античката класика“. Нормално, големите општествени промени, откритијата на печатењето, компасот и многу други; големите географски откритија, освојувањето нови територии, проучувањето на Вселената, отстапувањето од теоцентризмот, интересот на човекот кон природата и кон самиот себе – носат голема обнова и стануваат интерес на уметноста. Покренат од италијанските хуманисти, интересот кон грчката и латинската култура, стануваат основен интерес на идните генерации. Разумот се крева над авторитетот, земниот над природниот живот. Слободата на искажувањето на чувствата говори за ослободената личност, и добива поголемо место во книжевноста. Се искажуваат скептицизмот, стоицизмот и платонизмот. Како карактерно својство на шпанската ренесанса се смета нејзината оригиналност и длабочина, што остваруваат „совршено единство на новите европски текови со националната средновековна традиција“. Така врз традиционалниот религиозен дух со афирмација на љубовта кон природата, е постигната една коегзистенција на локалното и народното со универзалното и ученото. До израз доаѓа: реалистичноста, етичноста, идеализмот, индивидуализмот, „елегантната природност“.
Шпанската ренесансна литература минала низ неколку фази:
- Првата фаза позната како рана ренесанса го опфаќа времето до средината на 16 век. Тогаш, шпанските писатели ги прифатиле напредните традиции на италијанската хуманистичка литература. Пред сè тие се залагале да го развијат хуманистичкото образование, а литературата наместо црковен карактер, почнала полека да добива световни белези. Шпанските писатели хуманисти го проучувале народното творештво и од него црпеле мотиви. Во Мадрид била отворена италијанска поетска школа, чии претставници биле: Хуан Боскан и Гарсиласо де ла Вега кои ја „создаваат новата шпанска лирика“ творејќи по петраркистички манир. Паралелно функционираат две школи: Саламанската (Фрај Луис де Леон) со својата задржаност, умереност, строгост, темна длабочина и јасност на стил и Севилјска (Фернандо де Ерера) со својот раскошен,блескав и отворен израз и стил. Од прозните дела најзначајно е „Селестина“ (Трагикомедија за Калисто и Мелибеја), врвно дело во шпанската литература – Ф. де Рохас. Во овој период доста популарни биле и т.н. рицарски романи во кои се славеле феудалните и рицарските добродели.
- Втората фаза наречена зрела ренесанса го опфаќа времето од втората половина на 16 век. Оваа фаза се одвива под силно влијание на противреформацијата, што носи дополнителна изолација од Европа, од европските духовни вредности и од контактите со нив (универзитети, дела, личности) и се спроведува со репресија на Инквизицијата (цензури, апсења, забрани, судења, прогони). Во тие услови се случуваат длабоки промени во уметноста и творештвото. Се мешаат национални традиции со ренесансни придобивки. Во таква клима во архитектурата, ликовната уметност, музиката, литературата до израз доаѓа уметноста на мистиците. Претставници: Сан Хуан де ла Круз и Света Тереза. Во прозата се појавуваат романите со пасторална содржина („Дијана“ –Хорхе де Монтемајор, „Аркадија“ Лопе де ла Вега, „Галатеја“ – Сервантес). Особено популарни се и пикарските романи од овој период (реалистичен жанр во кој хумористично се илустрира животот на протагонист кој е од ниската класа и се служи со разни измами („Животот на Лазариљо де Тормес“).
- Третата фаза – доцна ренесанса, со криза на хуманистички идеи, го опфаќа времето од 17 век па сè до појавата на барокот како нова стилска формација. Ова е период кога Шпанија го губи ствојот политички престиж, настапува големо заостанување, социјална беда и сиромаштија. Во литературата настапува разочарување, песимизам, одречување од земно и одраз на минливоста на животот. Се постигнува голем успех во драмското творештво. Најголем дострел шпанскиот роман доживеал токму во овој период и тоа со делото на Сервантес „Дон Кихот“ во два дела. По него следат големите: Луис де Гонгора, Франсиско де Кеведо, Калдерон де ла Барка, а со нив се гаси шпанскиот Златен век и земјата го доживува својот огромен пад на речиси сите полиња од кој никогаш нема сериозно да стане.


Miguel de Cervantes Saavedra (1547-1616)


Miguel de Cervantes SaavedraМеѓу великаните на светската литература несомнено ќе го сместиме и овој поет, драматург, прозен писател. Роден е на 9 октомври 1547 во Алкала де Енарес во семејство на хирург. Се школувал во родното место, во Севилја и Мадрид и веќе со 20 години заминал за Италија каде бил војник. Таму бил во непосреден допир со италијанскиот ренесансен начин на мислење и живеење. По една година стапил во шпанската војска. Во 1571 г. учествувал во поморската битка кај Лепанто, каде што бил ранет и ја загубил левата рака. Но, за него тоа претставувало вистинска чест и гордост, затоа што укажувало на неговата воена храброст и на чесното служење на христијанството. Оттогаш започнуваат вистинските проблеми во неговиот живот. Откако заздравел од раните од првата посериозна битка, тој продолжил активно да учествува во операциите на сојузничките војски. По некоја година командантот на флотата решил да го пушти Сервантес дома. При тоа, тој му дал и писма упатени до шпанскиот крал во кои ги искажувал своите пофалби за Сервантес и го молел да го унапреди во поголем чин. Токму овие писма, стануваат причина за големите несреќи воживототнаСервантес.
На враќање дома, тој и неговиот брат Родриго, биле заробени од гусари кои ги одвеле во Алжир. Се смета дека гусарите ги пронашле писмата упатени до кралот и мислеле дека се работи за некои видни личности за кои би можеле да добијат голем откуп. Таму, бил изложен на големи маки. Но, во тие тешки услови на ропство, тој не ја губи храброста туку крои планови за бегство. И тоа не само за себе, туку за сите свои другари кои биле робови како него. Но, планот за бегство бил наскоро откриен од некој Мавр и сите биле тешко казнети, вклучувајќи го и Сервантес како главен виновник. Неговиот татко, кога дознал за несреќата на својот син, решава по секоја цена да го откупи. Тој го заложил сиот свој имот, па дури и миразот на ќерка си, со што го изложил на сиромаштија целото свое семејство. Но, проблемот бил во тоа што и неговит брат бил заробеник, па така Мигел се откажал од откупот во полза на својот брат. Единствена надеж му била повторен план за бегство.
Тој и останатите заробеници, ископале подземно сокривалиште. Таму биле скриени сè додека еден ден во скривницата не влегле гусари и повторно ги откриле. Сервантес ја презема вината врз себе, сакајќи да ги поштеди своите другари. Се вели дека и самите гусари биле вчудоневидени од благородноста на овој заробеник. Интересно е што, овој пат тој бил поштеден од казни. Наскоро, ќе пропадне и неговиот трет план за бегство, но овој пат казната ќе биде голема. Две илјади камшици биле удрени по неговото тело. Но, неговиот дух не се помирувал со заробеништвото. Почнува да планира востание на сите христијаснки алжирски заробеници.
Конечно, во 1585 г. Сервантес е ослободен од мисионерите кои заедно со неговите роднини и пријатели успеваат да ги соберат парите кои се потребни за неговиот откуп.
Кога се враќа дома, наидува на немаштија. Започнува да пишува драми, но тие не му донесуваат никаква слава ниту награда. Лошата судбина го прогонува и во татковината. Најпосле добива скромна државна служба, но следи уште една несреќа. Го обвинуваат да присвоени државни пари и го затвораат. Набрзо се докажува неговата невиност и излегува од затвор. Делови од неговиот живот недостасуваат, но се верува дека уште еднаш бил во затвор и токму тогаш добива инспирација за првиот дел на неговиот најпознат роман.
Со појавата на првиот дел на ДОН КИХОТ, 1605 г., Сервантес веднаш станува познат. Иако е скоро старец на 60-години, тој го пишува и вториот дел. Умира на 23 април, 1616г. заборавен и во сиромаштија, но целата Шпанија го чита новиот и популарен роман. Умира во иста година како и Шекспир.

***
Сервантес е писател од време кое претсвувало премин од ренесансата кон барокот. Живеел во можеби најзначајниот период на Шпанија, како на политички, така и на книжевнички план, кој настојувал да го разбере и објасни. Создавал во сите книжевни родви. Бил поет, драматург и прозен писател.
a) Тој пишувал поезија во текот на целиот свој живот, и иако многу ја сакал поезијата, сепак неговите современици не го сметале за особено талентиран поет. Тој го знаел тоа, но не му пречело. Неговата поезија била под петраркистичко влијание, но и под влијание на народната традиција.
b) Во периодот од 1580 до 1587 г. почнал интензивно да пишува драмски претстави, кои биле прикажувани во мадридските тетари. По 1587 г. кога на сцената настапил Лопе де Вега и ги донел радикалните промени во тетарот, Сервантес престанал да пишува. Сочувани се: „Алжирска робија“, „Опсадата на Нумансија“, интермесите (кратка дијалошка сцена со смешна содржина): „Судија за бракоразводни парници“, „Будниот стражар“, „Љубоморен старец“ од збирката „Осум комедии и интермеси“(entremeses);
c) Најзначајниот дел од неговото творештво се неговите прозни дела. Останува запаметен како творец на првиот модерен роман во Европа „Дон Кихот“. Други познати дела се: „Галатеја“(пасторален роман), „Поучни новели“ (збирка раскази), „Патување на Парнас“ (втора збирка), „Патувањата на Персилис и Сигизмунд“ (роман).


„ДОН КИХОТ“ – Мотивација за постанок


Во времето на Сервантес и пред него во Шпанија била доста развиена рицарската литература. Романите за доживувањата и походите на рицарите-скитници ја преплавиле земјата. Навистина, времето на рицарството било веќе одамна поминато, но интересот кон ваквата литература никако не згаснувал. Поради ред историски и општествени традиции, овој интерес бил особено карактеристичен за Шпанија. Борбите со Маврите, војничкиот дух и страста за авантури, како и постојаните походи кои ги извршувала земјата, рицарските традиции биле вкоренети во битот на шпанскиот народ. Но, оваа литература, негативно влијаела кај младината, која била воодушевена од овие романи. Таа создавала лажно, нереално чувство за чест, лажен поим за љубов и жена, нереална претстава за начинот на кој може да им се помогне на слабите и потиснатите.
Најголема популарност во овој вид литература од тоа време стекнал португалскиот роман за Амадис од Галија , кој бил напишан во духот на прочуениот средновековен роман „Тркалезната маса“. Книгата за Амадис од Галија е често споменувана во „Дон Кихот“. Таа во 15 век, се појавува преработена на шпански и се риши неверојатно брзо низ Шпанија. Отровното влијание на рицарската литература врз целото шпанско општество, а особено врз младите, како што нагласив, се почувствувало толку многу, што за оваа појава реагирале и црковната и световната власт, но без успех. Така Карло V во 1553 издал закон со кој се забранува печатење и продавање на рицарски романи. Се барало дури и да се изгорат сите тие книги. Но, издавачите секако не се согласувале со овие идеи, затоа што тие имале најголема корист од популарната и тривијална рицарска литература.
Она што не можело да го стори ниту законодавството, ниту гласот на разумните луѓе, го направило сатиричното перо на Сервантес. Можеби, тој самиот во младоста бил жртва на овие романи. Со својот роман „ДК“, тој Ѝ нанесува смртоносен удар на рицарската литература. Удар од кој таа повеќе не може да закрепне. По 1605 г., т.е. откако се појавил првиот дел на романот, во Шпанија повеќе не излегол ниту еден ваков рицарски роман.
Во прологот кон својот прв дел Сервантес вели: „ Оваа наша книга од почеток до крај претставува разобличување на рицарските романи...Неверојатните измислени лудости што се редат во неа, немаат ништо заедничко со старото придржување кон историската вистина, ниту со набљудувањето на астрологијата“. За целта на оваа замисла на крајот на романот на вториот дел, Сервантес, обракајќи им се на читателите, објаснува:..„ Зашто мојата единствена желба беше да им ја изложам на луѓето одвратноста кон измислените и глупави истории, опишувани во рицарските романи, кои со појавата на мојот „Дон Кихот“ (прв дел), веќе се занишаа и сосема ќе паднат“.
Романот „ДК“ не е само пародија на рицарските романи. Тој е во суштина реалистичен роман во два дела со вкупно 126 глави, од кои 52 во првиот и 74 во вториот дел, со над 1000 страници. На неговите страници „живеат“ 669 ликови. Преку историјата на замислениот рицар-скитник, кој во своите авантури поминува низ вистинската животна реалност, Сервантес ни дава и реалистичен опис на шпанскиот народен живот на преминот од 15 до 16 век. Првиот дел првобитно бил објавен во 1605 г. под наслов: El ingenioso hidalgo don Quijote de la Mancha, а вториот дел десет години подоцна. Вториот дел бил пишува дури откако првиот бил објавен и доживеал не само големи пофалби од критиката и преводи туку и голема популарност кај пошироката читателска публика.
Приказната за Дон Кихот, не ја раскажува Сервантес, туку Сид Амет Бененџели, арапски писател. Но, тој е измислена личност. Сервантес на тој начин користи една карактеристична книжевна постапка, измислувајќи писател за да се прогласи за посредник. На тој начин создава една дистанца меѓу себе и своето дело, со што остава голем простор за тој самиот да се вклучи во делото со спонтани коментари на постапките на Дон Кихот.
Инаку целото дело е трагикомичен роман со општочовечко значење за лудостите и наравите на Дон Кихот, рицарот со тажно лице, алијас еден благородник од Ла Манча на околу 50 години со име: Алонсо Кихано. Овој благородник од преголемо читање на рицарски романи сосем се изгубил и во свеста му се раѓа идејата за да стане рицар-скитник, да тргне во авантури, да исправа неправди, да им помага на бедните, понижените и навредените. Тоа го прави за сопствена чест и слава, но и во името на неговата избраничка Дулсинеја од Тобосо.

***
Во текот на својот четиривековен уметнички живот Сервантесовиот „Дон Кихот“ бил проучуван од многумина, па разбирливи се и различните согледувања за романот кои се откривале постапно. Различните гледишта биле секако и резултат на естетските особености на епохите на кои им припаѓале тие проучувачи.
Современиците на Сервантес, како што кажавме, гледале во Дон Кихот надеж за уривање на лошата сцена што ја подигнале „книгите за витезите“. Поучени од лошото искуство на „умниот благородник“ кој од претерано и некритичко читање на овие романи го губи разумот и се доведува себеси во еден вид лудило, луѓето од тој период ја сфаќаат опасноста од рицарската тривијална литература. Некои современи критичари гледаат во Дон Кихот индоктриниран фантаст чиј фанатизам се граничи со безумието. Не е мал ниту бројот на толкувачи на овој роман кои во него гледаат приказ на судирот меѓу идеализмот (Дон Кихот) и материјализмот (Санчо Панса), два сосема различни типа на луѓе, првиот целосно занесен во остварување на своите витешки идеи и права, а другиот практичен, целиот во овоземските грижи.
Во Дон Кихот се претставени речиси сите општествени слоеви и сите сталежи. Тука се: благородниците, свештениците, калуѓерите, војниците, крчмарите, робијашите итн. Сервантес ни дава информации и за тоа како се облекувале Шпанците од неговото време, што работеле, што јаделе и пиеле, како се склопувале браковите, како се веселеле луѓето и како се пресметувале меѓу себе.
Не ретко се смета, дека Дон Кихот е роман за шпанската книжевност од времето на писателот. Проблемите од книжевна природа не се мотив само на одделни глави во целост (6, 32, 47, 48 од прв дел), туку за значајните прашања на книжевноста се зборува толку често, што врз основа на тие искази може да се состави цела поетика на Мигел де Сервантес.

СИЖЕ, АНАЛИЗА, ЛИКОВИ НА РОМАНОТ “ДОН КИХОТ”

Сервантес во својот роман, прикажува еден несреќен безумник, жртва на рицарските романи. Овој човек, по име Алонсо Кихано, залуден од ваквите романи, поверувал дека токму тој е предодреден за оживување на тие идеали од минатото. Наоѓајќи си пример во ликот на витезот Амадис, Алонсо решава под ново име, да постапува во сè како него и останатите јунаци од рицарските романи кои совршено добро ги познавал. Еве како во првата глава од романот е опишан процесот на „станување витез“: „Првата работа му беше да ги исчисти оружјето, кое му останало од прадедовците, па `рѓосано и правливо беше заборавено со векови во еден агол....Изработи од картон нешто како везир со што го потполни шлемот...Потоа отиде да го погледа коњот, кој иако му се броеја ребрата и беше со повеќе недостатоци од коњот на Гонела, му се виде посовршен од Букефал на А.Македонски и од Бабиека на Сид.“ Го смислува новото име под кое ќе ги врши сите подвизи и избира дама на своето срце за чија слава ќе ги изведува. Секако, вршењето на подвизите не било можно без свој оружоносец, па така го убедил сиромашниот селанец Санчо Панса да се опреми и да тргне со него, ветувајќи му дека кога ќе се здобијат со огромна слава, ќе го назначи за губернатор на некој остров. И оттогаш тие се неразделни. Два света, колку спротивни толку и поврзани кои патуваат заедно: лудост и разум, имагинација и стварност, идеал и себичност; се судираат и се туркаат, се приближуваат и се оддалечуваат, создавајќи го она длабоко единство што се вика живот. Се пронашле за да водат долги разговори во кои ќе се препираат и ќе се уверуваат еден со друг. Претставници на два спротивни света, кои не можат еден без друг. Тие се органски поврзани и се протагонисти на хуманистичките идеи во ренесансата. Целата величина и сила на книгата почива врз нивните дијалози, врз нивните внатрешни судири и борби кои немаат крај. Санчо е затоа тука, за со својата едноставна и проста логика да даде вистинско осветлување на Донкихотовата лудост. А, пак Дон Кихот е тука за да му покаже на Санчо дека не може сè да биде во согласност со неговата тврда логика и практичност, дека на човечката душа Ѝ е потребно нешто повеќе од тоа. А, Сервантес ќе ги води со една совршена мера, па така од нивните дијалози не може да излезе ниту еден како победник. Нивните судири ќе останат отворен проблем, затоа што човечката стварност отсекогаш била и ќе остане проблематична. Нивните патешествија им се добро познати на сите.
Но, под ова нижење на случувањата на Дон Кихот и Санчо, секоја на различно место со различни ликови, се крие една добро осмислена, психолошка драмска линија, посебен вид на конфликт. Се работи за судирот меѓу стварноста и фикцијата, меѓу вистината и измислицата, меѓу реалноста и привидот. Дон Кихот од поглавје во поглавје, упорно Ѝ ја спротивставува сопствената стварност на објективната стварност и колку што е поголема разликата меѓу нив, толку потешки се последиците за него.
Дон Кихот е човек кој не ја гледа стварноста околу себе. Така за него ветерниците се џинови, стадото овци е непријателска војска, крчмата е замок. Следуваат низа пародични сцени во кои нашиот витез се бори со замислените непријатели додека светот го гледа со чудење. Но, среќата не е на негова страна. Се трупаат пораз по пораз, но тој останува длабоко убеден дека не смее да се откаже и да подлегне на магиите од неговите непријатели. Инаку, кој би го штител светот, кој би ги исправал неправдите, кој би ги штител слабите и немоќните. Но реалноста е сурова, па нашиот витез е често исмеван и понижуван. Санчо е секогаш тука да го предупреди и поучи, но Дон Кихот не се откажува од неговата цел. Навистина неговите постапки изгледаат безумни, но во суштина тие пленат со својата благородност и великодушност. Неговите дела зрачат со огромна величина. Јасно е дека тој не е патолошки луд, туку тоа е само негов начин на постоење и делување. Затоа Сервантес никогаш не го сведува на лакрдијашка фигура. Тој е симбол на човечката трагика, па затоа Сервантес изнаоѓа најразлични начини со кои ќе го зачува неговото достоинство. Тој е издигнат над својата околина, никогаш не е отфрлен од неа. Во него е отелотворен човечкиот сон, човечката безумност, човечкото страдање, упорната борба за правда, вистина и недостижните идеали.
Санчо е пак, негова спротивност. Тој ја претставува стварноста, внимателноста, егоизмот. Но, и тој е дел од светот на Дон Кихот. Го опоменува господарот, но и учествува во делата, па затоа неретко и тој „добива по својот грб“. Но, ни тој не се откажува, иако е воден од неговата себичност и материјалните ветувања од господарот. За него често се вели дека е суплементарен лик, затоа што Сервантес сакал со својот роман, меѓу другото да ја прикаже и својата визија на вистинска и цела хармонична човечка личност, па така ја прикажал таа хармоничност во два лика. Санчо е сиромашен, необразован шпански селанец, но со голема народна мудрост која непрестајно еволуира, се развива, се преобразува. Тој е чесен, но на моменти покажува огромна доза на страв. Сепак, не би го карактеризирале како страшливец, туку како трезвено претпазлив човек. „Да се повлечеш не значи да бегаш, а чекањето не е смелост кога опасноста е поголема од чекањето. Мудрите се чуваат денес за утре и не ризикуваат сè во еден ден“. Тој неретко ја покжува народната мудрост преку своите народни пословици.
***
Веројатно никогаш не бил напишан толку богат и неисцрпен роман, кој би отварал толку проблеми, кој би поставувал толку замки и предизвици, во кој би била синтетизирана толкава бистрина и загадоченост. Во тоа е сервантесовата големина, секогаш ни наметнува нешто друго, подлабоко и посериозно од она што во суштина го вели. Неговите зборови, збиднувања, призори, секогаш имаат своја позадина, своја тежина и перспектива. Сите нè поттикнува на размислување, на еден вид внатрешно читање, на читање со размислување. А, можеби и тоа му била целта на Сервантес, да нè остави несигурни во своите размислувања, па да поттикне љубопитност. Секогаш да постои една двоумица. Тој на читателот му вели: „Јас не сум и нема да бидам само твој, земи што е за тебе, а останатото препушти им го на другите, зашто јас всушност им припаѓам на сите.“ Затоа Анхел дел Рио со право ќе го постави прашањето: Дали Дон Кихот го афирмира идеализмот или му се потсмејува? Дали Сервантес ги спасува херојските илузии на својата младост или им се смее? Го уништува витешкиот дух или го издигнува? Дали е тој рационалист или католик, за или против реформацијата? И на овие прашања никогаш нема да биде даден конечен и задоволувачки одговор. Затоа што тука, според Дел Рио, стојат во чудесна рамнотежа: стварност-имагинација, лудост – разум, драма-комедија.
Сосема е сигурно дека Сервантес во своето дело и во својот луд херој, преточил многу голем дел од својот јад и огорченост. Бил доста незадоволен, имал многу причини за разочараност и иронија, сарказам и сатира. Но, сепак, знааеме дека тој бил човек со благ карактер и добро срце кој научил трпеливо да се носи со несреќите. Ни најголемите навреди не можеле да го повредат. И тој не бил бунтовник во било која смисла. Но, бил човек од крв и месо, со големо искуство и многу рани, па во себе често знаел остро да проговори.
Се поставува прашањето: зошто по многу прашања во Дон Кихот не се изјаснил до крај? Се претпоставува дека таквите прашања, намерно останале неразјаснети поради стравот од цензурата и инквизицијата. Бидејќи не треба да се заборави жревето во кое живеел и творел, речиси сите писатели од тој период ги делеле истите стравови. Веќе споменавме, дека овој писател живеел на распетието меѓу два века, две епохи, меѓу неговите младешки и херојски денови, па сè до нивното пропаѓање, помеѓу богатството и сиромаштвото, помеѓу стравот од Инквизицијата итн. Но, тој ги изразил сите тие спротивности, сето богатство и шаренило на животот. И неговиот сопствен живот бил растрган и трагичен, па во својот роман дал и мал дел од себе, патник и сонувач кој фантазира и се потсмејува на своите идеали. Поднел многу порази, понижувања, навреди, но сепак, останал оптимист. Во една новела вели дека вистинскиот христијанин не смее да очајува, бидејќи очајот е најголем човечки грев. Полн со животно искуство, со неисцрпно познавање на луѓето, на нивните карактери и души. Во неговото дело го слушаме неговиот глас на народен мудрец, кој поминал низ сè, кој во секоја прилика знае да го каже она што треба. Иако не бил ерудит, сепак секогаш цитирал познати автори и дела, но неговото расудување е народно и се базира врз неговото искуство, на здравата логика и на сето она што е потврдено во праксата. Затоа неговата ризница на пословици, народни мудрости и изреки, примери од животот – нема крај. Затоа е неговото дело блиско до широк круг на читатели. А за тоа тој бил и самиот свесен. Затоа успешно ја исполнил целта зададена во предговорот: „Фразите кои треба да бидат благозвучни и остроумни, на најправилен начин да разоткриваат сè што сакате да кажете. Изразете ги јасно, без да заплеткувате и замаглувате. Исто така, погрижете се да го насмеете со вашата историја меланхоличниот читател, да го развеселите уште повеќе веселникот, неукиот да ужива, паметниот да ви се восхитува на досетката, сериозниот да не ја презира, ниту мудриот да не престанува да ја фали... “
Заради сето тоа, ова дело не било отфрлено од ниту една епоха. Во различни времиња, за него се судело различно, но секое време наоѓало во делото дел во кој можело да се идентификува. Дон Кихот уште од самиот почеток бил и останал жив, и како што поминувало времето, неговата вредност само се зголемувала. Сервантес бил свесен за успехот и знаел дека како што одминува времето, неговото дело само ќе добива на значење. И навистина, по Библијата, Дон Кихот е најпреведуваното светско дело!


Користена литература:

- Сервантес, Мигел: Дон Кихот, Кочо Рацин, 1959, Скопје (предговор на Б. Корубин).
- Povijest svjetske knjizevnost, книга бр.4.
- Матевски, Матеја: Десет века на шпанската поезија (антологија: од почетоците - анонимната и народната лирика) до денес.
- Прилози за наставна литература, Матица македонска, 2001, Скопје.
- Zorilla, Alicia María: El nuevo mundo del espíritu (Miguel de Unamuno y Don Quijote).
- http://www.sparknotes.com/lit/donquixote/
- http://www.rinconcastellano.com/renacimiento/quijote.html#

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD