ГЛАВНА СТРАНИЦА

БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - КРИМИНОЛОГИЈА

Кривичноправна заштита на малолетни лица -
жртви на кривични дела


А П С Т Р А К Т

Императивната обврска што произлегува од Законот за малолетничка правда (чл. 137) е дека во постапката што се води за кривични дела во кои малолетните лица се жртви на кривични дела, надлежните органи можат да постапуваат само доколку поседуваат соодветно образование, посебни знаења и искуства од областа на правата на детето и за кривично-правната заштита на малолетниците.
Ваквата обврска се наметнува за експлицитно наведени субјекти (судовите, јавните обвинители и службените лица на МВР), кон кои се приклучуваат адвокатите и центрите за социјална работа (преку специјализираните одделенија или стручните тимови за малолетници), согласно соодветните одредби на овој Закон.
Проучувањете на соодветни кривични дела препознатливи според малолетниците- жртви, извршено е согласно нашиот избор и врз основа на претходно определени критериуми Во проучувањето на овие дела доминантен е кривично-правниот аспект! Нашето внимание при анализата на овие дела е фокусирано, пред се, кон ratio-то на законските решенија што се однесуваат на посебната кривично-правна заштита на малолетниците- жртви, поврзани со битието на конкретното кривично дело, како и кон групацијата на кривичните дела кон кои тоа припаѓа.
Во вториот дел од трудот ја разгледуваме посебната процесноправна заштита на малолетници- жртви и нивната положба. Наша генерална оценка е дека овој дел од Законот за малолетничка правда содржи значајни одредби за заштита и соодветни процесни гаранции за правата на овие жртви, усогласени со меѓународните стандарди и решенијата на современите законодавства за малолетници, но и дека има место за нивно подобрување/надоградување. Посебно внимание му посветуваме на нововостановениот Фонд за обесштетување на малолетници-жртви.

Клучни зборови: малолетници-жртви, кривични дела на штета на малолетници, кривично-правна заштита, Закон за малолетничка правда.

A B S T R A C T

The imperative obligation which deprives from the law for juvenile justice (article 137) is that the treatment which is led for crimes in which the juvenile are victims of crimes, the authorized institutions can act only if they have an appropriate education, special knowledge and experiences from the field of the children’s rights and for the juvenile’s protection from criminal justice system.
The consequences which are deprived but such obligation determine the subject of interest in this study, Such obligation is imposed for explicitly mentioned subjects (courts, public prosecutors and official people from Ministry of interior) towards which defense attorneys and the centers for social work have been involved (thought specialized departments of professional juvenile teams) in accordance with the appropriate provisions of this law.
The researches of the appropriate crime, recognizable according to the juvenile-victims have been provided accordingly our choice and based on previously defined criteria’s. In this research the dominant aspect is the aspect of criminal justice. Analyzing these studies, our attention has been focused on the ratio of the legal solutions whish refer to the protection from criminal justice system of juvenile-victims, connected with the being of the concrete crimes as well as towards the cluster of crimes towards which it belongs.
In the second part of this study, we are examining the position of juvenile victims and their protection by the legal system. Our general appraisal is that this part of Law on juvenile justice contains significant articles for protection and appropriate due process rights for these victims, in accordance with the international standards and solutions in modern legislature for juveniles, but that there place for their improvement/addition. We are dedicating a special attention to new funded for Reparation fund for juvenile victims.
Key words: juvenile victimes, juvenile’s protection from criminal justice system crimes against juveniles, Law on juvenle justice, Reparation fund for juvenile victims.

Една од целите на Законот за малолетничка правда и на неговата примена и тоа, што посебно е интересно, првонаведена, е остварување на приоритетен интерес и заштита на малолетниците од криминал, насилство и на кој било облик на загрозување на нивните слободи и права и нивниот правилен развој (чл. 2). Целта на Законот што се однесува на заштита на малолетните сторители на кривични дела и прекршоци, согласно истиот член, е второнаведена.
При определувањето на содржината на Законот, меѓу другото, се конкретизира дека "со овој закон се уредуваат мерки на заштита на малолетникот како жртва на кривични дела ... (чл. 1 ст. 2). Оваа одредба се операционализира во Петтиот дел од Законот, под општ наслов: Заштита на малолетници жртви на кривични дела во чии рамки е и глава шеснаесетта насловена: Заштита на малолетник како оштетен или сведок во постапката (чл. 137- 143). Тоа воедно е централен дел од Законот со кој се уредуваат прашањата што се однесуваат но оваа категорија на жртви. Но, за ова нешто подоцна во посебен дел од трудот.
Фактот дека на прашањето на малолетниците-жртви му се посветува посебно внимание и дека тоа е тренд во малолетничкото казнено законо¬давство можеме да го потврдиме и со некои закони од оваа област кои дури и во својот наслов ја вклучиле овие жртви, како што се законите од соседството, поточно, хрватскиот Закон за судовите за млади и казнени дела на штета на деца и малолетници и српскиот Закон за малолетни сторители на кривични дела и кривичноправна заштита на малолетни лица. Воедно во нив такстативно се набројани делата за кои "Совет на кој му претседава судија кој стекнал посебни знаења од областа на правата на детето и кривичноправната заштита на малолетни лица, им суди на полнолетните сторители на следните кривични дела пропишани со Кривичниот законик, ако оштетен во кривичната постапка е малолетно лице: ..." (чл. 150 од српскиот Закон), односно "Совети за млади и судии за млади (чл. 125) им судат на полнолетните сторители на следните казнени дела на штета на деца и малолетници пропишани со Казнениот закон: /.../ (чл. 117 од хрватскиот Закон).
Меѓу прашањата што уште на претходно треба да се разјаснат секако е и дефинирањето на поимот на кривичноправна, односно казненоправна заштита на деца и малолетници- жртви на кривични, односно казнени дела.
За вкупноста на казненоправните одредби што служат за засилена заштита на деца и малолетници од криминалните однесувања на возрасните лица и посебностите на судското постапување, во современата правна теорија и во законодавствата се воведува поимот на казненоправнта заштита на децата и малолетниците (Хирјан, Ф., Сингер, М., 1998: 169).
Според Обретковиќ, М. (1996: 103), кривичноправна заштита на деца, односно на малолетници претставува збир на правни норми со кои се инкриминираат делата со кои се повредуваат нивниот живот, телесниот интегритет, здравјето, сексуалната личност и воспитувањето.
По внимателно разгледување на наведените дефиниции може да се заклучи дека првата дефинција поцелосно ја изразува суштината на казнено-правната заштита на малолетните лица-жртви, земајќи ги предвид и материјалните и процесноправните аспекти на таа заштита (“засилена заштита и посебностите на судското постапување“, кога се во прашање овие жртви). Со прифаќањето на првата дефиниција ќе се избегне опасноста од сведување на казненоправната заштита на инкриминации за кривични дела карактеристични со малолетници-жртви. Употребата на поимот казненоправна заштита, исто така го сметаме за соодветно, бидејќи ги опфаќа и малолетниците- жртви на прекршоци, бидејќи и прекршоците претставуваат казниви дела. Меѓутоа, заради прецизирање напоменуваме дека во овој труд ќе се занимаваме со едниот сегмент на казненоправната заштита, поточно со кривично правната заштита на малолетни лица- жртви на кривични дела, со кој поим се опфатени како оние лица кои не наполниле 14 години ("дете", според терминологија на КЗ до Новелата од 2008 г.), така и оние со наполнети 14 години (сé до нивна осумнаесетгодишна возраст).
Уште една општа напомена на самиот почеток се однесува на општата тенденција на современите кривични законодавства, според која: "Во веќе традиционалното општо настојување кон подобрување на положбата на децата, модерните кривични законодавства сé повеќе ја прошируваат зоната на инкири-минацијата, зголемувајќи и диференцирајќи го системот на кривични дела на штета на малолетници." (Обретковиќ, М., 1996: 103) Кон ова би додал дека настојувањата за подобрувањето на положбата на малолетни лица-жртви е забележителен тренд и на совремното кривичното право во целина и еден од столбовите врз кои се потпира казнено правната реформа.
На крајот на овој дел би потенцирале дека казненоправната заштита не е единствен правен начин на заштита на малолетници-жртви на кривични дела и прекршоци! Според принципот на постепеност и природата на заштитата, приоритет во однос на интервенцијата спрема оваа категорија на жртви имаат семејноправни и социјално заштитните мерки. На ова се надоврзува уште едно барање, кога е ово прашање оваа област на заштита, поврзано со нужноста од испреплетување и надополнување на правните и стручните стандарди (поопширно за ова во: /ур./ Обретковиќ, М., Пејаковиќ, Љ., 2004: 41-42).
Воведните напомени ќе ги завршиме со констатацијата која секогаш треба да се има предвид, дека казненоправната заштита на малолетниците- жртви се смета за ultima ratio во сферата на правната интервенција во однос на оваа категорија на лица!

1. Kритериуми за определување на кривични дела
чиишто жртви се малолетни лица и групирање на делата

При анализата на кривичните дела "на штета на малолетни лица" ќе појдеме од основниот критериум- возраста на жртвата. Тоа, пред се значи дека се земени предвид лица до навршени 18 години. Притоа имаме предвид и неколку критериуми за кои сметаме дека се значајни за да се определат делата „на штета на малолетни лица", како што се: /а/ малолетството како конститути-вен елемент на делото, /б/ малолетството како квалификаторна околност, и /в/ дела од "општ карактер" чијашто жртва може да биде и малололетно лице (во таа смисла и Симовиќ- Хибер, И. /2008/: 70).
Така според наведените критериуми можеме да зборуваме за неколку групи на кривични дела карактеристични, исклучиво или пред се, според малолетници- жртви на соодветни кривични дела. Условно ќе ги поделиме во три основни групи, во чии рамки ќе направиме нивна понатамошна диференцијација и селекција, согласно предметот на овој труд.
Првата група ги опфаќа делата против животот и телото, меѓу кои: убиство (чл. 123, ст. 6 ), убиство на дете при пораѓање (чл. 127), телесна повреда (чл. 130, ст. 2), тешка телесна повреда (чл. 131, ст. 2), наведување на самоубиство и помагање при самоубиство (чл. 128, ст. 2 и 3), присилба (чл. 139, ст. 2), противправно лишување од слобода (чл. 140 ст. 2), грабнување (чл. 141, ст. 2), учество во тепачка (чл. 132) и др. Напоменуваме дека во некои од наведените инкриминации, семејното насилство претставува олеснителна околност за сторителот (пр. убиство на миг- чл. 125), како дотогашна жртва на семејното насилство, поради што нема да бидат предмет на наше проучување во овој труд. Но, за самото семејно насилство, исто така ќе стане збор.
Во втора група на дела во рамките на постапките кои го повредуваат интегритетот на детето и го попречуваат неговиот развој ја издвоивме групата на дела поврзани со семејните односи и младината: запуштање и малтретирање на малолетно лице (чл. 201), одземање малолетник (чл. 198), промена на семејна состојба (чл. 199), напуштање немоќно дете (чл. 200) и вонбарачна заедница со малолетно лице (чл. 197) и др.
Третата група се однесува на заштитата на сексуалниот интегритет и морал, поточно на половата слобода и половиот морал: силување (чл. 186), обљуба врз немоќно лице (чл. 187), полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години (чл. 188, ст. 1 и 2), обљуба со злоупотреба на положба (чл. 189, ст. 2), задоволување на полови страсти пред друг (чл. 190, ст. 2), посредување во вршење проституција (чл. 191), подведување и овозмо-жување полови дејствија (чл. 192), прикажување на порнографски материјал на дете (чл. 193) и новото дело: производство и дистрибуција на детска порнографија преку компјутерски систем (чл. 193-а), родосквернавење (чл. 194). Исто така, предмет на нашето проучување ќе биде и делото Трговија со малолетно лице (чл. 418-г), издвоено како посебно кривично дело со Новелата од 2008 г. и систематизирано во кривични дела против човечноста и меѓународното право (Глава XXXIV КЗ).
Напоменуваме дека редоследот на излагањето на групите на делата ќе отстапи од горенаведениот и пред сé ќе биде детерминиран од бројноста и специфичностите на последиците на проучените дела за малолетните лица. Исто така, ќе бидат изложени само делата што во текстот се „болдирани", кои, според наше мислење, се карактеристични кога се во прашање малолетни лица-жртви на кривични дела. На тој начин ги определуваме и рамките во кои ќе се движиме во овој труд, поточно предметот на трудот.

I Кривични дела на штета на малолетни лица

1. Кривични дела против половата слобода и половиот морал

Вовед- Односот на криминалната политика спрема оваа група на кривични дела е карактеристичен, од една страна, поради фактот што од се декриминализираат некои од делата што времето ги надминало или се должат на некои сексуални табуи (дела кои, по правило, биле инкриминирани како последица на силното влијание на религијата и во оваа специфична сфера на човековиот живот). Од друга страна, како резултат на создавање или откривање на ново/стари облици на сексуални девијации (пр. семејното насилство) кај кои како жртва се јавува најранливата и најнезаштитената категорија на лица, а тоа се малолетниците, но и како резултат на развивањето на техниката и технологијата (посебно компјутерската) и нејзиното злоупотребување во областа на сексуал-ните односи (пр. со педофилијата, порнографијата и др.), се наметна потребата од нивно инкриминирање, како и од заострувањето на казнената политика во однос на постоечките дела. Последново, пред сé, како резулатат на бурното реагирање на јавноста на ваквите деликти, но и подигањето на свеста на луѓето за нивната штетност и опасност, како и за потребата од засилена кривичноправна заштита на жртвите на овие дела, посебно на малолетни¬ците, меѓу другото и со вакви, ultima ratio инструменти што му стојат на располагање на општеството/ државата, делувајќи на планот на специјалната и генералната превенција.
Дел од кривичните дела кои ги сочинуваат тн. сексуални деликти се карактеризираат со постоењето на елементи на насилството и се дел од агресив-ниот криминалитет. Без овие дела не може да се добие комплетна претстава за тн. деликти на насилство во коишто несомнено спаѓаат. Ова се однесува не само на силувањето, туку и на разни други појавни облици на сексуалните деликти (пр. сексуални насилства врз малолетници и др).
Внатрешната систематика на делата пропишани во глава XIX од КЗ ја сочинуваат кривичните дела против половата слобода и кривичните дела против половиот морал.

а) Кривични дела против половата слобода

а.1) Силување (чл. 186)- Објект на заштита, кога е во прашање силувањето како најтипично дело кое спаѓа во правата група на сексуални деликти, е токму "слободата при стапувањето во полови односи". Оттука, дали ќе има силување или не "воопшто не зависи од моралните квалитети и својства на личноста /на жртвата-м.з./ ... (на пр. дали е проститутка, лице со лабав морал.") (Камбовски, В.,1997: 201). Делото е препознатливо поради принудна компонента (употреба на сила или закана со неа преку различни модалитети), како и непосредноста на нејзиното адресирање кон животот и телото на жртвата или на нему блиско лице (ст. 1). Оттука и неговата тежина, па и бруталноста (станува збор за брутален облик на криминалитет). Битна е новината која е воведена уште со осамостојувањето на нашето казнено законодавство (во 1996 г.), според која се признаени како жртви на силување и лица кои се во брачна односно трајна (поточно, повеќего¬дишна) вонбрачна заедница, како и лица од машки и женски пол. Со Новелата на КЗ од 2004 г., тие се изедначија и по основ на гонењето. Поточно, гонењето на силувањето, без оглед дали се случиле надвор или во брак, односно трајна брачна заедница, се врши по службена должност (претходно, вторите се гонеа само по приватна тужба, односно по предлог на жртвата). Исто така се работи за жртва со над четрнаесетгодишна возраст (инаку се работи за полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години, согласно чл. 188 КЗ, за што ќе стане збор нешто подоцна). Се прашуваме зошто законодавецот посебно не ги издвоил малолетните лица со наполнети 14 години како жртви на силување, што поради нивната возраст и специфичните карактеристики, треба да претставува потежок облик на основното дело, како што направил кога се во прашање некои други дела од оваа глава!? Потешките облици на делото (ст. 2) заслужуваат внимание, пред се, заради сериозните последици по жртвата, дотолку повеќе ако во таа улога се најде малолетното лице со наполнети четрнаесет години иако, како што спомнавме, тие не се посебно апострофирани.
Вториот елемент на силувањето, карактеристичен и за некои други кривични дела од оваа глава, е обљубата.
"Присилба на полов однос или со него изедначено полово дејствие може да биде остварена со употреба на сила и со закана на сторителот дека непосредно ќе нападне врз животот или телото на жртвата или врз животот или телото на нему блиско лице. Силата мора да биде од таков интезитет да може да го скрши отпорот на жртвата кој мора да биде сериозен." Се разбира дека стандардите за ваквиот отпор ќе бидат различни кога е во прашање малолетник како жртва на силување.
Силата не мора да трае и за времето на половиот однос или сторувањето на друго со него изедначено полово дејствие ако жртвата во текот на извршува-њето доброволно се откажала од понатамошен отпор, како и во случај ако жртвата најпрвин се согласила на обљуба, а потоа давала отпор (Хирјан,Ф., Сингер, М. /1998/: 196). Сигурно е дека тоа се должи на тежината на делото и посегањето по некои од најзначајните добра на жртвата, како што се половиот интегритет, достоинството, слободата во одлучувањето за стапување во вакви односи, што посебно се заштитени!
Доколку сторителот применил сила, а до извршувањето на делото не дошло поради недостаток на ерекција или затоа што утврдил дека спротивно на неговите очекувања жртвата го познава или ако по почетниот сериозен отпор жртвата се опуштила и предала не се работи за доброволно откажување од извршувањето на делото силување (Хирјан, Ф., Сингер, М. /1998/: 197). Се работи за случај на тн. делотоворно каење, согласно чл. 21 од нашиот КЗ.
Во овој контекст треба да се определи и поимот "друго полово дејствие", што исто така се среќава како елемент на битието на повеќето дела од оваа глава и тој да се поврзе со специфичната положба на малолетниците како жртви на овие дела. "Општиот поим на полови дејствија се прецизира во врска со одделните дела. Така причините за засилена заштита на малолетниците од сексуалните злоупотреби налагаат овој поим да биде сфатен пошироко. ... Како полово дејствие се третира и дејствието што не значи остварување на телесен контакт со малолетникот, а значи повреда на чувство на срам, повреда на морални норми за постапување со деца (вршење на полов акт пред дете, егзибицио¬низам, маструбација пред дете и сл.). Во другите ситуации поимот на полови дејствија ги опфаќа дејствијата што значат телесен допир, фрикција на гениталиите врз телото на друг (заемна маструбација, феллатио и сл.). Исто така овој поим се користи за овие дејствија да се разграничат од силува-њето.(Камбовски, В. 1997: 201) Интересно е дека порано наместо поимот "друго полово дејствие" се употребуваа поимите "противприроден блуд" или "блудни дејствија", што се напуштаат како анахрони. Во некои законодавства (пр. српското) тие се задржани, па оттука и заложбата (Стевановиќ, И., Симовиќ- Хибер, И., Виктимолошко друштво Србије, и др.) овие поими да се заменат со посовремни, како на пр. "сексуална злоупотреба", "сексуално насилство врз малолетно лице кое навршило, односно кое не навршило 14 години"! (така на пр. Стевановиќ, И.: 2004: 82-83). //Определување на поимот “други полови дејствија“, исто така е во функција на негово разграничување од поимот “обљуба“, како конститутивен елемент на кривичното делото силување.//

а. 2) Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години (чл. 188)- Претходно да видиме како гласи оваа инкриминација, согласно Новелата на КЗ од 2008 година , бидејќи со новелирањето таа претрпе интересни промени.
(1) Тој што изврши обљуба или друго полово дејство врз /наместо: дете/ малолетник кој не наполнил 14 години.
Ставот 3 станува став (2) Ако делото од став 1 го изврши крвен сродник во права линија или брат односно сестра, наставник, воспитувач, очув, маќеа, лекар или друго лице со злоупотреба на својата положба или при вршење на семејно насилство, ќе се казни со затвор од најмалку осум години.
(3) Со казната од став 2 ќе се казни и тој што делото од став 1 ќе го стори со малолетник кој не наполнил 14 години со злоупотреба на негово душевно заболување, душевна растроеност, немоќ, заостанат душевен развој или друга состојба поради која е неспособен за отпор.
Ставот (4) останува ист, освен висината на минималната казна која е значително зголемена, па наместо 5 изнесува најмалку 10 години, а горната граница за ово облик на делото е всушност максималната можна казна според нашиот КЗ, а таа е доживотен затвор.
Во однос на извршените измени внимание заслужува бришењето на зборот: "силување" (од поранешниот ст. 2, а сега ст. 3). Логично е да се заклучи дека ако обљубата или друго половото дејствие (кои по својата тежина неспорно се полесни од делото силување), кога е во прашање малолетно лице под 14 години се санкционира со казна од најмалку осум години, дотолку повеќе (argumentum a minore ad maius) таа, во најмала мера, се подразбира и во случај на силувањето на овие лица. Малолетното лице, пак, кое е постаро од 14 години и спрема кое е извршена обљуба или друго полово дејствие е опфатено со чл. 189, ст. 2, но чудно е што и за ова дело, согласно тенденцијата за поострување на казнената политика кога се во прашање сексуални деликти чиишто жртви се малолетни лица, не се пропише потешка казна од сега предвидената (од една до пет години затвор).
Уште неколку напомени за кривичното дело: Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години. Ratio-то на ова дело е поврзано со нужноста од "правилниот развиток на малолетници до 14 годишна возраст (деца) препоставува нивна што поцелосна заштита од различни облици на сексуални злоупотреби и аберантни влијанија врз нивното оформување како здрави личности. Тоа се лица кои се наоѓаат во најраната фаза на сексуален (а и физички, емоционален интелектуален) развиток, кога по правило не можат во целост да го согледаат значењето на сексуалните односи, а самите овие односи не се придружени со подлабоки емотив¬ни пориви, поради што постои опасност тие да се дехуманизираат и да го повлечат развитокот на младата личност во некој дисхармоничен правец." (Камбовски, В., 1997: 209)
Кога е во прашање ова дело се поаѓа од сознанието од психологијата дека со задирањето во половиот интегритет лесно се пореметува развојот на неговиот сексуален иденитет и можноста на сексуалното самооодредување. За да стане збор за казнено дело не мора да дојде до никаква последица бидејќи се работи за апстрактна опасност за сексуалниот развој на детето (делото може да се стори и врз дете кое спие). (Новоселац, П. /ур./, 2007: 167)
Тоа е причината поради која казненото право содржи начелна забрана на било какви сексуални односи со малолетни лица што не наполниле четрнаесет години, без оглед на полот. Инкриминирани се доброволната и насилната обљуба или друго полово дејствие. Значењето на објектот на заштита на жртвата на делото што може да се идентифицира со интересот за правилен сексуален и друг развиток на овие лица, налага екстензивен пристап кон толкувањето на одделни поими. Од посебната природа на ова дело произлегува и неуважувањето на согласноста на детето. Се поаѓа од тоа дека детето (во случајов и жртва) не може да формира слободна волја, што значи дека неговиот евентуален пристанок е правно ирелевантен.
Препоставка за постоење на ова дело е согласноста, или поточно речено непостоењето отпор на детето. Дејствие на извршување е обљубата или друго полово дејствие.
Субјективната страна што се состои во умисла, опфаќа свест дека се работи за дете (достатна е евентуална умисла), како и свест за посебната состојба на жртвата, поради која таа не е способна за отпор, како и свест дека тоа не се противи на актот на обљуба или друго полово дејствие. (Камбовски, В., 1997: 209- 210)
Во однос другите измени и дополнувања на инкриминацијата на делото: Полов напад против малолетник кој не наполнил 14 години, карактеристично е дека во ставот 2 (досегашен став 3) е проширен кругот на можни сторители на овој квалифициран вид на основното дело и тоа со: крвен сродник во права линија или брат односно сестра и маќеа, а за двата квалифицирани облици на делото од ст. 2 и 3 е предвидена повисока минимална казна затвор (од пет, односно четири на осум години). За потешките облици на делото предвидени во ст. 4 кои се идентични со потешките облици на делата силување и обљуба врз немоќно лице, исто така е зголемена висината на казната, па таа наместо пет години изнесува "од најмалку десет години до доживотен затвор" (чл. 6 од Новелата на КЗ од 2008 г.)

а. 3) Обљуба со злоупотреба на положбата (чл. 189)- Смислата на инкриминацијава се состои, пред сé, во заштитата на половата независност на лицата што се наоѓаат во некаква позиција на подреденост спрема друг. Користењето на позицијата на надреденост во овие односи секогаш има елементи на изнуда односно уцена. И покрај изричната согласност на лицата што се наоѓаат во состојба на зависност или подреденост спрема друг, во суштина нема полна слобода на одлучување. Покрај тоа, тука се содржани и дела што се на истата линија на укажување засилена заштита на малолетниците, на која е и претходно изложеното дело. (Камбовски, В.: 210- 211)
Постојат два облика со кои се инкриминира злоупотребата на положбата: од страна на лицето спрема кое жртвата се наоѓа во однос на зависност (ст. 1) и од страна на лица кои имаат посебен авторитативен однос, односно положба спрема жртвата (ст. 2) ... Со ова кривично дело се дава заштита на половиот интегритет и половото самоодредување на малолетни, а во еден дел и на полнолетни лица. Додуша во тој случај жртвата е согласна со обљуба, но таа согласност е резултат на искористувањето на положбата на зависност, односно на авторитететот од страна на сторителот. (Новоселац, П. /ур./, 2007: 165)
Пасивен субјект /значи жртва- м.з./ е било кое лице постаро од 14 години. Постоењето на односот на подреденост или зависност на жртвата спрема извршителот на делото, според судската практика е фактичко прашање; тој однос не мора да биде заснован врз некоја законска или договорна основа или да настанал во службеничката хиерархија. ... (Камбовски, В.: 212)
Во ст. 2 е содржано посебно дело на обљуба или друго полово дејствие со малолетно лице постаро од четрнаесет години, доверено на сторителот заради учење, воспитување, чување или нега, со злоупотреба на положбата на наставник, воспитувач, посвоител, старател, очув, лекар или друга положба /на пр. свештеник/.
За разлика од делото од ст. 1 ... ирелавантна е согласноста, па дури и иницијативата од страна на малолетното лице. Кај претходното дело сторителот одговара кога ја навел на тоа жртвата кога кај неа создал одлука да се подаде ...; тука делото постои без оглед дали сторителот вршел некакво претходно влијание врз малолетното лице. (Камбовски, В.: 212) Значи, се работи за потешко дело во однос на делото од ст. 1, посебно поради злоупотребениот однос на доверба кој жртвата по дефиниција го има спрема овие категории на лица на кого таа е доверена со цел вршење на значајни обврски. Главна карактеристика на односот сторител- жртва е претпоставената доверба спрема оние кои имаат обврски кон малолетникот, по основ на чување, учење, воспитување или грижа и со нив поврзаниот авторитет, но и можност довербата да биде "изиграна". Дека се работи за потешко дело, доказ е и висината на санкциите што за ова дело се пропишани.
Во овој контекст интересно е мислењето на Бачиќ, Ф. според кое во оценката на тоа дали е злоупотребана положбата што ја има извршителот, треба сепак, да се уважува и односот помеѓу него и малолетното лице, и да се исклучи постоењето на делото ако обљубата или половото дејствие е резултат на поцврста и подолготрајна интимна врска помеѓу нив. Мислам дека овој став е дискутабилен, посебно размислувањето за амнестирање од одговорност на овие лица кои имаат специфична положба спрема малолетникот засновна врз доверба. Можеби би можело да се зборува за олеснителни околности, но не и за непостоење на делото, особено имајќи ја предвид возраста на жртвата и потребата, јасно изразена и во законот, за посебна заштита на малолетните лица, па и на тие кои навршиле 14 години, поради специфичностите на нивниот развој во овој период, како и на последиците од сексуалните акти што спрема нив се вршат! Или поинаку кажано, дали лицата од 16- 18 години можат да се сметаат за доволно зрели да одлучат за тоа со кого ќе стапат во сексуални односи? Доколку биде прифатен ваквиот начин на размислување, општеството би покажало лицемерие и хипокризија.

а. 4) Подведување и овозможување полови дејствија (чл. 192)- подведу-вање на малолетно лице (ст. 1) и овозможување на вршење на полови дејствија со малолетно лице (ст. 2). Во двата случаи малолетните лица можат да се од двата пола и имаат наполнето 14 години, смета Камбовски, В.(1997: 215). Веднаш се наметнува прашањето дали по донесувањето на Новелата од 2008 г. и бришењето на двата става (4 и 5) од делото: Посредување во вршење проституција (чл. 191), можеме да тврдиме дека жртви на ова дело (од чл. 192) се само малолетни лица со наполнети 14 г.? Посебно ако се има предвид дека: а) во Новелата законодавецот оперира со категорија малолетно лице како општ поим; б) доколку сака да ги разграничи овие категории, тоа изрично го наведува, како што тоа го прави, иако не секогаш консеквентно, кај други дела; в) ако се прифати толкувањето на Камбовски, В. нема да бидат заштитени малолетни лица до 14 години. Во прилог на нашите дилеми оди и ставот на Мршевиќ, З. (1998: 330) според кој, кога е во прашање наведеното дело, заштитен објект се малолетни лица од двата пола (без да ја наведе нивната возраст- м.з.) кои со овој член, всушност, се штитат од проституција, односно сексуална експлоатација и насилство од проститутски тип." Да заклучиме дека е правилно размислувањето според кое "објект" на заштита на ова дело се и малолетни лица кои не наполниле 14 години. Во прилог на ваквото размислување е и решението на КЗ на Хрватска (чл. 195 ст. 2 и 3) според кое подведувањето се однесува и на дете (лице до 14 години) и на малолетно лице (со наполнети 14 г.).

б) Кривични дела против половиот морал

б.1) Посредување во вршење проституција (чл. 191)- Ова кривично дело, согласно Новелата на КЗ од 2008 г., не може да биде сторено ниту со малолетно лице, а уште помалку со дете, затоа што само полнолетно лице може да биде врбувано, поттикнато или намамено на проститу¬ција, односно заради заработувачка ќе овозможи користење на сексуални услуги, било доброволно (ст. 2) или со сила или сериозна закана за употреба на сила или измама (ст. 3). Интересно е дека дури и кога наведените дела од претходните ставови ќе ги стори при вршење на семејното насилство како жртва на овие дела изрично не се споманти малолетни лица (до 14 и со наполнети 14 години). Ваквиот став се должи на решението содржано во споменатата Новела, со кои се бришат ставовите 4 и 5, поточно кога делото е сторено спрема малолетно лице, односно дете. Дали на овој начин се исклучува можноста малолетните лица да бидат жртви на посредувањето при вршење проституција или поинаку кажано дали давањето на сексуални услуги, кога се во прашање малолетни лица, треба да се третира како трговија со луѓе!?
Од друга страна, ваквото решение ќе придонесе, според нас, да се направи разграничувањето помеѓу посредувањетото во вршење проституција и трговијата со луѓе, кога се во прашање малолетни лица како жртви. Прашање кое, посебно кај практичарите, предизвикуваше дилеми и нејаснотии (кога се работи за малолетни и полнолетни лица како жртви на овие дела). Последново влијаеше врз квалификацијата на делата кои имаат некои заеднички елементи и кои, по правило, се квалификуваа како посредување во вршење проституција.
Во таа смисла интересно е размислувањето на Камбовски, В., кој и во времето на постоењето на преходната инкриминација (според која жртви на посредување при вршење проституција можеа да бидат и малолетни лица) истакнуваше дека "Учествувањето во подведување на лицето на друг заради проституција е облик на трговија со лица. (под.О.Б.) Се работи за посредување во таа "трговија", доведување во врска на тие лица со одредена клиентела (постапување на сторителот како "макро"), упатување на лица во странство заради вршење проституција, доведување во местото каде лицето ќе се занимава со проституција (голем град, пристаниште), како и предавање на друг во местото каде што лицето живее. Во предавањето учествува и оној кој помага на друг начин (го превезува лицето, му обезбедува преноќиште и сл.) /се разбира под услов да знае за која цел се врши тоа, односно да е дел од "ланецот" за посредување- м.з./. Достатно е сторителот да учествува во предавање на друг само едно лице: делото е довршено со самото учествување во предавањето, не е нужно лицето да започнало да се занимава со проституција." (Камбовски, В.: 218-219). Кажаното во овој став нñ е битно за да ја потврдиме тезата дека е тешко разграничувањето меѓу делата: Посредување во вршењето на проституцијата и Трговија со луѓе.
Во контекстот на прашањето за кривичното дело: Посредување во вршење проституција, а со цел нивно меѓусебно разграничување, ќе ја цитираме инкриминацијата на кривичното дело: Трговија со малолетно лице (чл. 418-г), инкриминирано како посебно дело со Новела од 2008 година. Согласно ст. 1: Тој што врбува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа малолетно лице заради експлоатација по пат на проституција или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа и слугување, ропство,присилни бракови, присилна фертилилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови од човеково тело, ќе се казни со казна затвор најмалку осум години. Во ставот 2 е предвиден квалификуван облик на основното дело (преку преземање на одредени "средства", како што се: сила, сериозна закана, со доведување во заблуда, грабнување, измама со злоупотреба на својата положба или состојба на бременост, немоќ или физичка и ментална неспособност на друг и др., за да се овозможат разните облици на експлоатација. Значајно е дека согласноста на малолетното лице за дејствијата предвидени во основниот облик на делото не е релавантна за постоењето на делото (ст. 6). Интересно е дека во оваа инкриминација не се прави дистинкција помеѓу малолетните лица кои не наполниле и оние кои наполниле 14 години. Контраверзите во врска со инкриминацијата на трговијата со луѓе и предлозите de lege ferenda беа предмет на разгледување по други поводи и на нив во оваа прилика само ќе се повикам (Бачановиќ, О., 2006: 77-79). Со задоволство можам да констатирам дека дел од предлози за кои сум се залагал се прифатени во Новелата од 2008!

б. 2) Задоволување на полови страсти пред друг (чл. 190, ст. 2) Смислата на инкриминацијата гледано во целина (ст. 1 и 2) се состои во заштита на половиот морал и правилниот развиток на децата. Се работи за два взаемно поврзани објекти на заштита кои меѓусебно се надополнуваат и го прават потребното количество на "криминалното неправо". Смислата на инкриминацијата е заштита на сексуалното самоодредување на децата и малолетните лица, на нивниот сексуален интегритет од сексуални манипулации, како и непречен сексуален развој, а со тоа и на психичкото и социјалното созревање. (Новоселац, П. /ур./, 2007: 171)
Делото од ст. 2 (за разлика од ст. 1 каде се бара да се врши на јавно место) се состои во вршење на полово дејствие пред дете, или наведување дете пред сторителот или пред друг да врши полово дејствие.
Дејствието на наведување се дејствија со кои сторителот оди кон тоа кај детето да предизивика однесување со кое тој или некој друг ќе ја задоволи својата сексуална потреба, на пр. го наведува детето да онанира, да се соблече или пак да прави содомија. (Новоселац. П. /ур./ 2007: 171)

б.3) Прикажување на порнографски материјал на малолетник кој не наполнил 14 години (чл. 193)- Пред се, се јавуват тешкотии во дефинирањето на овој поим, што има и свое практично значење, бидејќи неговото соодветно дефинирање може да влијае и врз ефикасноста во неговото сузбивање. Постојат повеќе концепции (на реализам, на тенденција и на објект), чијашто цел е да придонесат за разграничувањето на морално недопуштената, општествено штетната и казнива порнографија од она што е уметнички, естетски креативно и прифатливо (подетално, Maurach-Shroeder: 194, цит. сп. Камбовски, В.: 220) Слабоста на сите овие приоди е едностранчивоста, поради што се препорачува нивна комбинација (тн. мешовита концепција).
Општ принцип што се применува во повлекувањето на "границата на толеранција" е да се поаѓа од барањето уметничкото или друго дело да се оценува како целина, со сите негови реперкусии на претежно позитивно или претежно негативно влијание, да се поаѓа од тоа- дали неговата генерална тенденција е естетско доживување, научно или друго корисно сознание, или пак исклучително сексуално доживување. (Камбовски, В.: 220- 221).
Во однос на новелираното решение од чл. 193 (Прикажување на порнографски материјал на малолетник кој не наполнил 14 години) може да се констатира дека се заострува казнената политика, како во однос на основното дело (наместо парична казна или затвор до една година, новото решение пропишува казна затвор од шест месеци до три години), така и за квалификуваниот облик, ако делото е сторено преку средствата за јавно информирање (наместо парична казна или казна затвор до три години се пропишува казна затвор од три до пет години).
Посебно дело е содржано во ст. 3- се состои во злоупотреба на малолетно лице за изработување на аудиовизуелни слики или предмети со порнографска содржина или за порнографска претстава. .... Пасивен субјект е малолетно лице воопшто (не само дете), независно дали свесно или без негова согласност и знаење е вклучено во изработувањето на предметите или претставата (така, ако некој со некаква вешта монтажа го внесува малолетното лице во порнографска слика).
Делата се умислени. Сторителот мора да знае дека се работи за дете (ст. 1 и 2), односно малолетно лице (ст. 3). (Камбовски, В.: 221-222)
Во врска со новините на КЗ од 2008 година поврзани со оваа област, ќе истакнеме и дека се воведува нова инкриминација: Производство и дистрибуција на детска порнографија преку компјутерски систем (чл. 193-а). Инкриминирањето на делото беше условено со потребата од усогласување на домашното кривично законодавство со меѓународните документи, во случајов со Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на детето, за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија. Воедно и решенијата во компаративното законодавство укажуваат на постоењето на ваквите инкриминации. Уважувањето на овие барања овозможува да се комплетираат инкриминациите од оваа област (прикажување, дистрибиција и производство на порнографски материјал Како релевантен меѓународен документ од оваа област ќе ја спомнеме и Конвенцијата за кибернетскиот криминалитет (Convention on Cybercrime, ETS). Сугерираме нашата држава што поскоро да ја потпише и ратификува Конвенцијата, како што тоа на пр. го сторила Хрватска, а воедно и пристапила кон нејзина имплементација.

б.4) Родосквернавење (чл. 194)- Родосквернавењето (инцестот) е еден од облиците на сексуалната злоупотреба и злоупотребата на моќ на возрасни врз деца. Името потекнува од зборот инцестаре што значи посрамоти, сквернави, така што во литературата се користи и името родосквернавење. Постојат различни дефиниции на инцестот од потесна, поширока, кривичноправна и криминолошка. Според најшироката дефиниција овој поим подразбира злоставување на детето од страна на возрасно лице од доверба, кое е во позиција на моќ и претставува авторитет за детето. Оваа дефиниција е најчесто застапувана во феминистичката литература .... Според нешто пошироката дефиниција, инцест е полов однос меѓу најблиските сродници. Забрана на инцестот потикнува од римското право и денес постои во сите кривични законодавство во светот ... Покрај забраната на полови односи помеѓу крвни сродници постоела и забрана на односи помеѓу сродници по сватовство и духовни сродници (кумови). Во подоцнежниот развој кривичноправното дефинирање е ограничено само на најблиските крвни сродници. Во основа на сите наведени инкриминации е сфаќање на инцестот како опасност по здравјето на потомството, што на инцестот му дава исклучиво еугеничен карактер. Меѓутоа, инцест е исто така сексуално насилство над децата условено со нееднаква општествена моќ на половите, неурамнотежена моќ помеѓу жртвата и сторителот, злоупотреба на довербата. Токму вака дефинираниот инцест ја открива неговата вистинска природа и опасност за малолетното лице! Сепак, мислам дека во право се авторите кои ја потенцираат злоупотребата на довербата на малолетникот-жртва како најкарактеристична за природата на ова дело.
По воведните напомени во врска инцестот, ќе се концентираме на законското решение. Пред сé, согласно систематиката на нашиот КЗ, ова дело е систематизирано во групата на кривични дела против половата слобода и половиот морал (за разлика од некои други законодавства, како на пр. српското, во кои сé уште припаѓа на главата на кривични дела против бракот и семејството). Оттука и заложбата на некои автори од овие држави дека според тежината и доминатноста на сексуалното насилство, поточно според природата на делото, тоа треба да припадне на кривичните дела против половата слобода и половиот морал! (во таа насока размислува и Стевановиќ, И., 2004: 83).
Тој што ќе изврши обљуба со крвен сродник по права линија или со брат, односно сестра ќе се казни со затвор од три месеци до една година (чл. 194 ст.1).
Интересно е дека ставот 2 од истиот член, согласно кој објект на заштита на оваа инкриминација беа: крвен сродник по права линија или брат, односно сестра кој ќе изврши обљуба или друго полово дејство со малолетно лице, се брише согласно Новелата на КЗ од 2008 г.
Кога делото од ст. 1 е сторено спрема дете, поточно малолетно лице кое не наполнило 14 години, станува збор за квалификуван облик на основното дело, поради што и пропишаната казна е повисока и изнесува најмалку четири години затвор (при што, ст. 3 станува ст. 2).
Значи дека согласно последниот став и фактот дела претходниот став се брише, произлегува дека малолетните лица кои наполниле 14 години не се посебен објект на заштита, односно се изденачуваат со полнолетните лица како жртви на родосквернавењето! Сметаме дека ова не е најсреќно решение и не оди во прилог на нужноста од понатамошна посебна заштита на малолетни лица кои наполниле 14 години, кога се работи за вака суптилни односи поврзани со родосквер¬навењето.

2. Кривични дела против животот и телото

2.1. Согласно претходната класификација на делата релевантни за малолетното лице- жртва, кривичноправната заштита се однесува на дела од "општ карактер" чиишто жртви, меѓу другите, можат да бидат и овие лица. Но, сепак, кога станува збор за тн. тешко убиство (чл. 123 ст. 2 и 3), меѓу околностите за ваквата квалификација на делото се набројуваат и случаите кога убиениот е малолетно лице (ст. 2, т. 6), како и кога лишувањето од живот е извршено при вршење на семејното насилство, значи од страна на семејниот насилник спрема жртвата на насилството (ст. 2, т. 2). Накратко, семејното насилство кулминирало со убиство. Затоа може да се размислува за тоа дали се ова кривични дела од "општ каракатер" или се работи за група на дела со квалификаторни околности, во случајов тоа е малолетството. Но, сепак е побитно дека во вакви случаи, како што е најтешкото кривично дело убиство, пропишани се и најтешките казни, поточно минималната казна е десет години, а максималната (воедно и најтешка казна во нашето казнено законодавство) доживотен затвор.

2.2. Кривично дело на убиство на дете при породување (чл. 127), познато и како чедоморство спаѓа во групата на тн. привилегирани убиства. Имено, законодавецот, а врз основа на сознанијата до кои дошла науката, како релевантна ја земал предвид, пред сé психичката состојбата во која се наоѓа мајката (патем кажано како единствен можен извршител на делото- тн. делицтум проприум) на "растројство предизвикано со пораѓање" , при што "привилегираниот" статус е временски лимитиран, поточно трае само "за време и непосредно по пораѓањето" (ст. 1). Уште еден услов, кој инаку децидно не е пропишан, кога е во прашање ова дело- "породувањето мора да е започнато и треба да се работи за дете кое е живо". Интересно дека, без оглед на привилеги-раноста на делото (што пред сé се гледа во висината на запретената казна: од три месеци до три години), законодавецот, поради значењето на доброто (животот на новороденото дете) што со се заштитува, пропишува дека и обидот за ова дело е казнив (ст. 2)! На крај можеме да констатираме дека, кога се работи за дете-жртва на чедоморство (во случајов гледано од аспект на типологиите на жртвите застапени во виктимологијата), се работи за типичен пример на тн. "идеална" жртва која со своето однесување ниту придонела, ниту објективно можела да придонесе за својата виктимизација.

2.3. Наведување на самоубиство и помагање при самоубиство (чл. 128)- Односот на казненото право кон самоубиството, како облик на автоагресија, евалуирало: од некогаш неговото казнување како дело на убиство, до денеска владеачкиот став за негова неказнивост. Со еден збор тоа е надвор од казнената зона, што од друга страна не значи дека казненото право не ја третира оваа во основа социопатолошка и деструктивна појава. На посреден начин, преку инкриминирање на две дејствија (наведувањето и помагањето) казненото право ја потврдува тезата дека "животот на човекот не е само лично, туку и општествено добро" и дека никој нема апсолутно право на располагање со сопствен живот.
Квалификувани облици на ова дело се сврзани, меѓу другото, со две ситуации значајни за предметот на нашиот интерес: кога малолетникот наполнил 14 години (ст. 2) и кога малолетникот не наполнил 14 години (ст. 3 ). Во вториот случај, а поради тежината на делото, односно возраста на жртвата, казната е како за убиство (најмалку десет години), што значи дека овие дела се изедначуваат!
"Наведувањето на самоубиство е дејствие идентично со поттикнувањето: создавање или зацврстување кај друг (значи, кај жртвата- м.з.) одлука за самоубиство. Одлуката треба да ја донесе другото лице. Ако се работи за наложена одлука, со присилба, не постои наведување на самоубиство туку дело на убиство. (Manzini, VIII, стр. 114, цит. сп. Камбовски: 59)
Помагањето при самоубиство е идентично со помагањето како соучес-ничко дејствие, и се состои во олеснување на извршување на самоубиство, давање неаков реален придонес кон неговото извршување (физичко или психичко помагање). Отворено е прашањето дали тоа може да има облик на пропуштање. Ако не постои должност за сторување и спречување на самоубиство, оној што пасивно го набљудува актот на самоубиство не може да се третира како помагач; може евентуално да одговара за делото неукажување помош (чл. 136; тука лицето што се самоубива е во "непосредна опасност за животот"). (Камбовски, В.: 59).

3. Кривични дела против бракот, семејството и младината

Воведни напомени- Кривичноправната заштита на бракот и семејството е ултима ратио во обезбедувањето на исполнување на семејните обврски . Тоа значи дека моралните, од една страна, и семејноправни правила, од друга страна, се загрозени во мера која бара најсериозна реакција. Укажувајќи на потребата од воведувањето на нови и редифинирање на поедини инкриминации во рамките на оваа групација на кривични дела постои заложба за јасно дефинирање на битието на кривично дело што сега изостанува поради употреба на семејно-правни поими кои понекогаш се "неодредени". Тоа со цел обезбедување заштита на добрата значајни за животот и развојот на децата, како и востановување на јасни и понепосредни врска помеѓу два правни потсистеми: семејниот и кривичноправниот, во кои е застапена заштитата на малолетни лица и на семејството. Исто така, постои согласност дека заеднички карактеристики на овие кривични дела се: користење на семејноправни поими во дефинирањето на битието на делото, својството на извршителот, умислата како единствен облик на вина (Симовиќ- Хибер, И., 2008: 71; Стевановиќ, И., 2004: 83).
Во рамките на оваа глава систематизирани се и кривичните дела против специфичниот облик на заштита: младината. Општествто е заинтересирано на посебен и засилен начин да ја заштити младината и некои со неа поврзани специфични добра, како што се, освен веќе опфатените во рамки на други глави (пр. против физичкиот интегритет) и оние поврзани со запоставувањето на воспитната функција и интересот за правилен развој на малолетните лица, како и вршењето социјално штетни влијанија врз нив. Исто така како посебно се издвојува делото поврзано со нужноста од спречување на распространетата штетна појава на неконтролирано овозможување на конзумирање на алохол на малолетни лица. Во рамките на оваа групација се издвојуваат следните дела: вонбрачен живот со малолетно лице; напуштање немоќно дете; запуштање и малтретирање на малолетно лице; точење алкохолни пијалоци на малолетници. Но, постојат и др. мислења за тоа кои дела ја сочинуваат оваа групација (в. на пр. Новоселац, П., 2007: 204). Ова зборува за релативноста на ваквите систематизирања поврзани со критериумот за претежноста на објектот на заштита (младина, брак или семејство).
Поради постоењето на повеќе кривични дела од оваа глава на КЗ, би се фокусирале само за некои кои според својата тежина, застапеност, но и според некои други карактеристики кога се во прашање нивните жртви заслужуваат, според нашата оценка, посебно внимание. Во овој контекст се чини дека е најсоодветно да се зборува и за семејното насилство кое на еден специфичен начин се инволвира во нашето кривично законодавство со Новелата од 2004 година.

3.1. Запуштање и малтертирање на малолетно лице (чл. 201 КЗ)- Ова дело заслужува посебно внимание од повеќе причини. Но, претходно е неопходно е да се дефинира поимот на "запуштање" и со него поврзаното "грубо запоставување" на должноста на родителот, посвоителот, старателот или друго лице кое треба да се грижи за малолетникот, а подоцна ќе се задржиме на поимот на "малтретирање", како уште еден од елементите на битието на делото. Што се однесува до запуштањето тоа "постои кога лицето кое е во законска обврска за трајна грижа за детето, грубо ја занемари/запостави својата должност за згрижување и воспитување. Под згрижување се подразбира елементарна грижа за детето (исхрана, облекување, грижа за здравјето). Грубо занемарување на згрижување постои на пр. кога родителот се одаде на скитање, кога не стопанисува, кога својата плата ја троши за пијалок или кога ги продава стварите од куќата неопходни за егзистенција на семејството. Воспитувањето ја опфаќа грижата за школување, но и прифаќање на позитивните вредности во ставовите и однесувањето. Очигледно неодредени поими укажуваат дека однесувањето фактички се квалификува според стандардот на "грубо запуштање" и проценка на вистинските можности на лицето кое има обврска. Последица на ова однесување е состојбата на запуштеност, што повторно е работа на проценка. Занемарување на воспитувањето на малолетникот постои кога не се преземааат дејствија неопходни за воспитување на малолетникот и за спречување на настапување на девијантните однесувања. Може да се изврши и со несторување ... (Ивана Симовиќ- Хибер, 2008: 71; спореди со Сингер, М., Микшај-Тодоровиќ, Љ., Полдругач, З. /1985/: 56-57).
Спорно, а некогаш и многу деликатно е да се одговори на прашањето кога преземањето на воспитните мерки прераснува во малтретирање, односно кој е степенот на дозволената употреба на овие мерки, а кога тие претставуваат навлегување во забранетата или криминогена зона. Во кривичноправната теорија воглавно се издиференцирале две сфаќања. Според едното, малтретирање постои само ако е пречекорено правото на казнување во воспитни цели. Според второто, тоа постои при нанесување значителни, односно повеќекратни и подолготрајни психички или физички непријатности и болки без оглед на тоа дали е пречекорено вообичаеното право на казнување и дали е тоа мотивирано со воспитна цел. Според тоа, последниве две околности (вообичаено право на казнување и воспитна цел) не можат да бидат изговор за ослободување од одговорност на лицето што презело такви дејствија кон малолетното лице. При давање оценка за постоење на ова дело особено ќе треба да се земе предвид возраста и развиеноста на малолетникот, поводот за малтре-тирање и мотивот на сторителот, интезитетот на психичките и физичките страдања и болки и нивната зачестеност и траење. (Камбовски, В. 1997: 238) Според наше мислење, второто сфаќање е поприфатливо, посовремено и виктимолошки инспирирано, при што основен критериум е почитување на човековите права и слободи и посебната заштита што ја уживаат децата според меѓународните стандарди. Инаку, за делото од чл. 201 ст. 1 е пропишана казна затвор од три месеци до три години. Со истата казна ќе се казнат лицата од претходниот став кои го присилуваат малолетното лице на работа што не одговара на неговата возраст и физичка сила или од користољубие го наведуваат на питање или на вршење на други дејствија што се штетни за неговиот развиток (чл. 201 ст. 2). Со ваквата инкриминација Кривичниот законик во целост ја имплементира одредбата пропишана во членот 32 од Конвенцијата за правата на детето, па дури и ја проширува. Во Кривичниот законик пропишан е и потежок облик на основното дело: ако поради делата од ставовите 1 и 2 настапила тешка телесна повреда или тешко нарушување на здравјето или малолетното лице се одало на питање, проституција или други облици на асоцијално однесување, сторителот построго ќе се казни (со казна затвор од три месеци до пет години).

3.2. Семејно насилство (чл. 122, т. 19)- Решението што во врска со семејното насилство е прифатено во Кривичниот законик, значи непостоење на посебна инкриминација на семејното насилство, туку тоа е составен дел од битието на некои други кривични дела. Се работи за интересно законско решение кое се разликува од некои други законодавства што семејното насилство го инкриминираат како посебно кривично дело. Имено, во чл. 122, т. 19 КЗ, се дава, условно кажано, дефиниција на поимот на семејното насилство, додека во рамките на посебниот дел од КЗ, семејното насилство се јавува како квали¬фи-каторна или привилегирачка околност на некои кривични дела. Праксата ќе покаже дали е тоа и најсоодветно решение.
Она што во дефиницијата, од виктимолошки аспект е интересно и што од внимателното читање на законската дефиниција произлегува е условот што дополнително се бара за да се зборува за семејното насилство. Имено, таа го дефинира семејното насилство како малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство, што, според нас, е сосема доволно да ја прикаже сложеноста на оваа појава, опфаќајќи го не само физичкото, туку и често присутното и според своите последици некогаш и поболното, психичко насилство. Но, дефиницијата непотребно се усложнува, а во пракса може да предизвика непотребни потешкотии како за судот, така, за она што за нас е уште побитно, самата жртва, создавајќи на тој начин препоставки за дополнително, одн. секундарно виктимизирање на жртвата. Имено, се бара сите претходно наведени облици на насилство да "предизвикуваат чувство на несигурност, загрозување или страв". Се чини дека законодавецот пропишувајќи го овој дополнителен и според нас непотребен услов се ставил на страна на насилникот, сакајќи дополнително да ја заштити неговата положба. Да сумираме, нашето мислење е дека овој дел од дефиницијата на семејно насилство е непотребен.
Во однос на дефиницијата можеме да кажеме дека е доволно широка и сеопфатна кога е во прашање кругот на лицата кои можат да бидат потенцијални жртви на семејното насилство. Имено опфатени се најзагрозените категории на лица, не е правена дискриминација во однос на тоа дали се работи за лица во брачна или вонбрачна заедница, а се имал предвид фактот дека и напуштањето на животот во брачната и вонбрачната заедница (фактичко, па дури и формално) не претставува пречка насилникот да го продолжи своето насилничко однесување (било физичко било со закани, уцени, постојани јавувања или на др. начин)! Можеме да заклучиме дека во однос на ова прашање следени се укажувањата на науката и решенијата во современите законодавства, па дури во некои случаи тие можат да послужат како пример за другите законодавства.


II Заштитата на малолетни лица- жртви на кривични дела
во Законот за малолетничка правда

Една од најзначајните новини во Законот за малолетничка правда секако се одредбите на Петтиот дел од Законот што се однесуваат на посебната заштита на малолетници жртви на кривични дела (чл. 137- 143). Иако се отстапи од првобитната идеја судењето на полнолетни сторители за кривичните дела во кои како жртви се наведени малолетни лица биде пренесено во делокруг на судии односно совети за малолетници, како што е тоа со некои кривични закондавства за малолетници од опкружувањето (пр. хрватското и српското), за кои веќе стана збор, и "согласно на решенијата во поголемиот дел од европските законодавства ..." (Хирјан, Ф., Сингер, М., 1998: 36) , одредбите на овој дел од Законот, што се од материјална и процесно-правна природа, содржат значајни решенија во прилог на подобрувањето на положбата на малолетникот-жртва. Така заштитата на малолетникот како оштетен/жртва се поврзува (по настојувањата, заложбите и предлозите изнесени на разни советувања, симпозиуми и др. научни и стручни собири, како и во трудовите на авторите кои се занимавале со оваа проблематика. меѓу кои и на авторот на овие редови) со востановување на Фонд за обесштетување на малолетници-жртви или оштетени со кривични дела на насилство и на други акти на индивидуално или групно насилство. /(чл. 141 ст. 1)/ Сметаме дека е неопходно попрецизно одредување на делата опфатени со поимот на насилство како и кругот на лица кои ќе можат да ги користат средствата од Фондот (освен непосредно оштетените и нивните семејства, лицата кои ги издржуваат, лицата кои помагале за да ги заштитат при што претрпеле штета, непријатност, траума и сл., а согласно дефиницијата на жртвата содржана во Декларацијата на ОН за основните принципи на правда за жртви на кривични дела и жртви на злоупотребата на власта). Притоа, а во согласност со востанове-ната пракса на земјите кои веќе неколку децении или нешто помалку ги имаат востановено ваквите фондови, претходен услов за користење на средства од овој Фонд е неможноста и по повторен обид, поради фактички или правни пречки, имотно-правното барање кое му е признато на оштетениот да се надомести од имотот на сторителот на кривичното дело или на друг акт на насилство и кога од правосилноста на одлуката за имотно-правното побарување изминале повеќе од шест месеци (чл. 142 ст. 1). Добро е што овој рок се намали (во една од претходните верзии на законот тој рок изнесувал повеќе од една година) поради итноста на потребите на жртвата да биде материјално обесштетена во време на лекување, отсаство од работа, неможноста да го издржува семејството, да оствари други активности и со нив поврзаната заработувачка, да ги санира раните и траумите и др. Сигурно дека правдата до која се доаѓа со задоцнување, посебно во ваквите случаи, во суштина е неправда. Навремен надомест на штета, за штета што со ништо не е предизвикана ќе претставува каква-таква сатисфакција за жртвата.
Кои се другите позначајни одредби содржани во главата XXI (Заштита на малолетници жртви на кривични дела како оштетен или сведок во кривичната постапка)? Тоа, пред сé, е инсистирањето на обученоста и едуцираноста на субјектите кои учествуваат во постапката што се води за кривични дела во кои малолетникот се јавува како жртва. Станува збор за судовите, јавните обвинители, службените лица на Министерството за внатрешни работи (чл. 137). Имено се бара наведените субјекти да можат да постапуваат само доколку поседуваат посебни знаења и искуства од областа на правата на детето и за кривично-правната заштита на малолетниците. Исто така се бара од адвокатите (поставени од претседателот на судот) да следат специјализирана обука за малолетничко претстапништво од најмалку четири до десет дена во текот на годината во земјата и странство (чл. 140 ст. 3). Интересно е дека не е наведено дека ова одредба се однесува и на малолетници-жртви што е очигледен пропуст, посебно што претходната обврска е веќе содржана во чл. 94 ст. 3 што значи се повторува! Идентична на ова е обврската што се однесува на судиите за малолетници, јавниот обвинител и овластените службени лица на МВР (чл. 94 ст. 3), односно обврската што се однесува на членовите на специјализираните одделенија или стручните тимови за малолетници што се формираат во рамките на центрите за социјални работи, надлежни за примена на мерки спрема дете, односно и помлад или постар малолетник во ризик, како и вршењето на другите надлежности определени со овој закон (чл. 26 ст. 2).
Законот за малолетничка правда, исто така, пропишува едно значајно право, согласно на кое малолетникот-жртва задолжително да има полномошник и тоа од првото сослушување на обвинетиот (чл. 140 ст. 1), па сé до крајот на постапката.
Понатака, постои обврска на судот и на другите органи што учествуваат во постапката за сите кривични дела од Кривичниот законик во кои според законските обележја на делото малолетникот се јавува како жртва на делото, да преземаат мерки за помош и заштита и да постапуваат на начин на кој ќе се избегнат можни штетни последици за неговата личност што пред сé е насочено кон спречувањето на можната секундарна виктимизација. На овој начин, за прв пат во еден законодавен акт, се востановува обврска на надлежните, пред сé државни, органи да водат сметка за оваа димензија на постапување кога се во прашање жртвите на кривичните дела, она што недостасува во закондавството, а уште повеќе во практиката, кога се во прашање полнолетни жртви на кривични дела!
Значајна е и одредбата која изрично пропишува дека постапката за кривични дела во кои според законските обележја на делото малолетникот се јавува како жртва е итна (чл.138 ст. 2), Сепак мора да се забележи дека Законот не го операционализара ова начело, па така на пр. не ги прецизира роковите до кои ваквите постапки би требало да се завршат, роковите што се однесуваат на сослушувањето или некои други процесни дејствија. Очигледно е дека ова прашање се остава на судската практика.
Во однос на правилата за сослушување на оваа категорија на жртви (пропишани во чл. 138, ст. 3-7 и чл. 139) генерална е оценката дека тие произлегуваат и воглавно ги уважуваат меѓународните стандарди во оваа област. Имено при неговото сослушување се води сметка за неговиот психофизички развој, за личните својства и карактеристики на малолетникот, за заштита на неговите интереси и за неговиот правилен развој; ограничување на бројот на сослушувања (најмногу две, а по исклучок три); можноста, доколку судијата оцени дека е тоа потребно, со оглед на карактеристиките, односно специфичностите да нареди сослушување: по пат на употреба на технички средства за пренос на слика и звук, без присуство на странките и други учесници во постапката, во посебна просторија и со поставување на прашања со посредство на педагог, психолог или друго стручно лице; можноста во однос на ваквото сослушување на главниот претрес само да се прочита записникот од неговата изјава, односно да се пушти снимка за сослушувањето. Сé се тоа добри начини да се избегне можноста за дополнителна (секундарна) виктимизација на главниот претрес.
На крајот на овој дел од Законот, на лапидарен начин и со повикување на соодветните одредби од Законот за кривичната постапка и Законот за заштита на сведоците , уредена е заштитата на малолетниците како сведоци во кривичната постапка, вклучително и примената на посебни мерки на заштита условени од специфичните потреби за заштита на психофизичкиот интегритет на малолетникот. Наведените одредби беа предмет на мои критички опсервации уште во текот на работата на самиот Закон за малолетничка правда (Бачановиќ, О., 2006: 104-106). Основната сугестија што ја дадов се состои во тоа дека посебната заштита на оваа специфична категорија на сведоци треба да биде подетално уредена, особено имајќи ги предвид стандардите предвидени во соодветните меѓуна¬родни документи кои се однесуваат на оваа категорија на лица.

Наместо заклучок

Императивната обврска што произлегува од Законот за малолетничка правда (чл. 137) е дека во постапката што се води за кривични дела во кои малолетните лица се жртви на кривични дела, надлежните органи можат да постапуваат само доколку поседуваат соодветно образование, посебни знаења и искуства од областа на правата на детето и за кривично-правната заштита на малолетниците.
Последиците што од таквата обврска произлегуваат го детерминираат предметот на проучување во овој труд. Ваквата обврска се наметнува за експлицитно наведени субјекти (судовите, јавните обвинители и службените лица на МВР), кон кои се приклучуваат адвокатите и центрите за социјална работа (преку специјализираните одделенија или стручните тимови за малолетници), согласно соодветните одредби на овој Закон.
Проучувањете на соодветни кривични дела препознатливи според малолетниците- жртви, извршено е согласно нашиот избор и врз основа на претходно определени критериуми. Напоменуваме дека во проучувањето на овие дела доминантен беше кривично-правниот аспект! Притоа, нашето внимание беше фокусирано, пред се, кон смислата, односно ratio-то на законските решенија што се однесуваат на посебната кривично-правна заштита на малолетниците- жртви, поврзани со битието на конкретното кривично дело, како и кон општите карактеристики на групацијата на кривичните дела кон која тоа припаѓа.
Во вториот дел од трудот ја разгледавме посебната процесно¬правна заштита на малолетници- жртви и нивната положба. Наша генерална оценка е дека овој дел од Законот за малолетничка правда содржи значајни одредби за заштита и соодветни процесни гаранции за правата на овие жртви, усогласени со меѓународните стандарди и решенијата на современите законодавства за малолетници, но и дека има место за нивно подобрување/надоградување. Во овој дел посебно внимание му посветивме на нововостановениот Фонд за обесштетување на малолетници-жртви.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

Бачановиќ, О. Виктимолошки аспекти на македонскиот Кривичен законик, Македонска ревија за казнено право и криминологија, бр. 2, Здружение за криивчно право и криминологија на Македонија, Скопје, 97- 112.
Јањиќ-Комар, М., Обретковиќ, М. (1996) Права детета- права човека, „Досије” и Удружење правника Србије за социјално право.
Камбовски, В. (1997) Казнено право- посебен дел, “Просветно дело”, Скопје.
Константиновиќ-Вилиќ, С., Николиќ- Ристановиќ, В. (2003) Криминологија, Правни факултет у Нишу, Центар за публикације, Ниш.
Кривичен законик- пречистен текст; Закон за кривична постапка- пречистен текст, приредил Павел Манев, Македонска ревија за казнено право и криминологија, бр. 1-2/ 2004, Здружение за кривично право и криминологија на Македонија.
Мрвиќ-Петровиќ, Н. (2001) Надокнада штете жртви кривиног дела, Војноиздавачки завод, Институт за упоредно право.
Мршевиќ, З. (1998) Кривичноправни приступ насиљу над децом и улога правосудних органа, во Насиље над децом, /редактор/ Милосављевиќ, М., Факултет политичких наука Универзитета у Београду, Београд, 323- 347.
Мршевиќ, З.(1997) Инцест измеѓу мита и стварности- криминолошка студија сексиалног злостављања деце, Институт за криминолошка и социолошка истраживања, Београд.
Новоселац, П. /ур./, (2007) Посебни део Казненог права- прво издање, Уџбеници Свеучилишта у Загребу, Правни факултет Свеучилишта у Загребу.
Обрадовиќ, Д., Милошевиќ, Н. /ур./ (2005) Малолетни учиниоци кривичних дела и кривичноправна заштита малолетних лица, “INTERMEX”, Београд
Симовиќ- Хибер, И. (2008) Кривична дела на штету деце и малолетника, во зборник на трудови: Кривичноправна питања малолетничке деликвенције- меѓународни научни скуп, Српско удружење за кривично правну теорију и праксу, Београд, 67- 80.
Симовиќ, И. (2004) Кривичноправна заштита деце, Прирачник за центрите са социјална работа и други служби во локалната заедница: /ур./ Обретковиќ, М., Пејаковиќ, Љ. Заштита детета од злоставања, 47-71.
Сингер, М, Микшај-Тодоровиќ, Љ, Полдругач, З. (1985) Криминалитет на штету малољетника, „Школска књига”, Загреб.
Стевановиќ, И. (2004) Улога кривичноправног система у заштити деце од злостављања и занемаривања, во Милосављевиќ, М. /редактор/, Злостављања и занемаривање деце, Социјално- хуманитарно удружење „Сачувајмо децу”, 76-88.
Хирјан, Ф, Сингер, М. (1998) Коментар закона о судовима за младеж и казнених дела на штету дјеце и малољетника, Министaрство унутрашњих послова Републике Хрватске, Загреб.
Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија”, бр. 7 од 15 јануари 2008).
Закон за малолетничка правда (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 87 од 12 јули 2007).

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD