ГЛАВНА СТРАНИЦА

 
БЕСПЛАТНО СЕМИНАРСКА РАБОТА - ПСИХОЛОГИЈА
 

МИСЛЕЊЕТО КАКО ПРОЦЕС НА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИ

Со процесот на мислењето се доаѓа до нови комбинации на порано неповрзаното искуство, се доаѓа до нови целини од делови на старото искуство. Некои автори мислењето го дефинираат токму на овој начин. И ваквата дефиниција го подразбира мислењето како пронаоѓање врски меѓу неповрзани делови од старото искуство, или мислењето како пронаоѓање на нов предмет кој е во врска со дадениот предмет.
Проблемот е во тоа што потешко ни паѓа на ум старото искуство да го искористиме на нов начин. Ако се обидеме деветте точки од сликата 1 да ги поврземе со 4 линии, не дигајќи го моливот од хартијата, ќе видиме колку ни пречи старото искуство, што точките ги перципираме како квадрат. (Ова не е квадрат, линиите можат да излезат од рамките на точките), лесно ни текнува како да го решиме. Кога со реформулацијата на проблемот лесно го решаваме, гледаме дека пречките кои стојат на патот на решавањето на проблемот, се, всушност, “наши сопствени производи”, создадени со наши сопствени искуствени постапки.

Сл. 1 Решавање на задача по пат на увид

Ако едно момче кое напразно бара пари од мајка му, ја промени формулацијата на проблемот и на сосема нов начин ја перципира пречката која стои пред неговите желби, момчето може наеднаш да сфати дека не се работи за скржавоста на мајка му, туку за недостиг на пари во семејството. Тој може тогаш да се обиде парите да ги заработи наместо да моли за нив и така да дојде до целта.
Психологот Мајер ги ставал испитаниците во духовити проблемски ситуации и ги набљудувал како го преформулираат проблемот, како старото искуство го користат на нов начин и ја испитувал значајноста на дирекцијата (или модел на трагање) во решавањето на проблемот. На пример, испитаниците требале да врзат две јажиња кои виселе од плафонот. Раздалеченоста била голема и двата краја не можеле едноставно да се поврзат, се додека не им текнало едното јаже да го фатат со рака, а од другото јаже да направат нишало, користејќи ги клештите како тег.
Бидејќи испитаниците не можеле да го решат проблемот, Мајер им давал дирекција (како случајно поминал блиску до јажето и го занишал) по што кај испитаниците дошло до преформулација на проблемот (јажето треба да се ниша, но со што?), а по некое време им текнало клештите да го користат како тег (да ги перципираат на нов начин!). Според Мајер, “Дирекцијата е начинот на кој сме му пристапиле на проблемот...”.
Пример на еден вид скриена дирекција е од 6 кибритчиња да се направат 4 триаголника. Се додека испитаниците проблемот го решаваа во две димензии беа неуспешни. По првата дирекција, дека едното кибритче треба да биде страна на два триаголника, проблемот го решија неколкумина. По втората дирекција, дека проблемот треба да го решаваат тродимензионално, сите успеаја. (сл. 2).


Сл. 2 Решавање задача по пат на увид

Текот на мисловниот процес при решавањето на проблемите е следниов:
1. Задавање, согледување на проблемот,
2. Анализирање на дадените елементи и реформулација на проблемот, поставување дирекција,
3. Поставување хипотеза која ќе го реши проблемот по укажаниот пат од страна на дирекцијата,
4. Проверување на хипотезата.


Ако решението не е добро, се поставува нова хипотеза и таа се проверува, ако и тогаш нема успех се почнува од преформулираното на проблемот.

КОНТРОЛА НА ЕМОЦИИТЕ

Во психолошката литература која се занимава со менталното здравје, зрела личност се опишува како лице кое знае емоционално да се контролира. Живееме во цивилизирано општество преполно со норми кои го регулираат животот и не е можно ниту да се замисли импулсивно емоционално однесување, однесување без емоционална контрола. Менталната хигиена дејствува превентивно за да не дојде до емоционални стресови и последици. И во воспитно - образовната работа особено се води сметка за социјализацијата на негативните емоции од најраното детство. Така по пат на некои од видовите на социјално учење гневот и агресијата кај децата се социјализираат и децата учат агресијата да ја манифестираат со викање, тврдоглавост, со вербална агресија (караница, навредување, ругање) и најпосле со социјална агресија (исклучување, игнорирање, бојкот, оговарање).
Психологот М. Звонаревиќ од Загреб, наведува неколку интересни начини на контрола на емоциите:
1. Во емоционални ситуации потребно е да се гледа во лице на секоја емоција, треба себеси да си признаеме, да сме свесни за својата емоционална состојба. Ако ја прикриваме двојно сме преплашени, затоа што ситуацијата не плаши и затоа што се плашиме да не откријат дека лажеме.
2. Ако не сме во состојба да ја избегнеме негативната емоција треба да се избегнува емоционално заситена ситуација (страв од хорор филмови се отстранува со избегнување на такви филмови).
3. Стравот од непријатна ситуација ќе го одбегнеме со зголемената подготвеност за таа ситуација (стравот од испитот ќе се намали со зголемена подготовка за испитот).
4. Во ситуација обременета со непријатни емоции потребно е да се реинтерпретира ситуацијата со емоционално неангажирано лице, бидејќи со вербализацијата на ситуацијата таа логички се објаснува и така се рационализира, се вербализира, што ја намалува емоционалната тензија.
5. Во тешка емоционална напнатост особено е добро ангажирање со некаква активност, прошетка, игра.
6. Во секоја животна ситуација, дури и најцрната има елементи на хумор. Откривањето на хуморот ја релаксира емоционалната напнатост.
7. Бидејќи емоционалната напнатост секогаш е следена со напнатост во мускулите, добро е да се вежба физичка релаксација. Таа се постигнува со автоген тренинг, јога, вежби и слични активности.

МЕТОДИ НА УЧЕЊЕ

Во методиките на наставата по одредени предмети покрај другото се говори и за наставните методи кои ги користи наставникот во поучувањето на учениците. Тие методи треба да произлегуваат од методите на учењето. Денеска во нашите училишта преовладува традиционална настава чии наставни методи се засновани врз смисловното рецептивно учење и неговите методи. Бидејќи се запознавме со карактеристиките на смисловното рецептивно учење, сега ќе се запознаеме со методите на учење. Тоа се следниве:
1. Распределено и концентрирано учење. Ако еден материјал се учи концентрирано во кус временски период, говориме за концентрирано учење, а ако се учи во неколку временски етапи, говориме за распределено учење. Правени се доста експерименти за да се испита кој метод на учење е поуспешен, кога материјалот подобро се помни. Резултатите говорат дека е подобро распределено учење и за вербални и за моторни содржини. Тоа се образложува со заморот кој влијае при концентрираното учење и со верувањето дека за време на паузите ученикот се присетува за она што учел, а тоа сеќавање значи зацврстување на трагите во мозокот.
2. Глобално и партитивно учење. Кога материјалот се учи во целина ( а не е преголем), говориме за глобален метод, а ако се учи дел по дел, говориме за партитивен метод. Ако материјалот е долг и тежок се учи со комбинација на споменатите методи, а методот се нарекува комбиниран метод.
Експериментално е утврдено дека смисловен вербален материјал подобро се учи во целина, се разбира во зависност од должината и тежината на материјалот. Сложени моторни активности подобро се учат разложени на делови, партитивно. При делењето на материјалот во целини битно е која количина на материјалот ќе се третира како целина. Тоа секако зависи од смислата на материјалот. Ако, на пример, во една стихотворба се опејува една идеја таа ќе се учи во целина.
Овој метод е напорен за учениците на помала возраст, како и за учениците со помали способности.
Ако материјалот е долг и тежок потребно е најпрво да се чита во целина (еднаш или повеќе пати) за да се сфати смислата, а потоа материјалот се дели на смисловни делови кои се учат дел по дел. На пример, се учат деловите 1. и 2. одделно, па заедно 1+2;потоа се учи делот 3. одделно, па заедно со претходните 1+2+3 итн. или се прават слични комбинации.
Интересно е овде да споменеме дека методот на целина во народот е прифатен како природен метод на учење, со кој од колено на колени се пренесувало народното творештво и традиционалните обичаи.
3. Преслушување. За да остане материјалот запомнат, потребно е ученикот да се преслушува, што значи да го репродуцира запомнетото. По пат на експерименти се испитувало кога е најдобро ученикот да почне да се преслушува. Утврдено е дека тоа зависи од сложеноста на материјалот. Во учебникот, по наслов: Експеримент во психологијата, наведен е експеримент кој илустрира дека е најдобро учењето во кое повеќе време се троши за преслушување отколку за читање. Сепак овој однос на читање и преслушување зависи од должината и тежината на материјалот и од способност на ученикот да го разбере и осмисли материјалот.
Преслушувањето не значи механичко учење туку репродукција на материјалот со нов приод и нова организација на материјалот од страна на ученикот.
Пред да почне со преслушувањето потребно е материјалот да се прегледа (неговата структура, содржина и сл.), да се поставуваат прашањата (на пример: За што се зборува во ова поглавје?, На што авторот обрнува внимание?, Од кој аспект го обработува материјалот? и сл.), внимателно да се чита за да може да се даде одговор на поставените прашања и да се определат методите на учење. Пред крајот ученикот се преслушува на разни начини (усно, писмено и сл.) и сосема на крајот се прави завршен преглед на материјалот.
Така сфатено преслушувањето го чини ученикот активен, па затоа во учебниците од педагошка психологија ова преслушување се третира или е насловено како активни учење. Во современата психологија на учење и современата методика, активното учење е нешто друго, учење во кое централно место има мислењето или учење по пат на решавање на проблеми.

ПРИЧИНИ ЗА НЕДИСЦИПЛИРАНО И НЕПРИСПОСОБЕНО ОДНЕСУВАЊЕ

Причините за ваквото однесување треба да се бараат во пречките во физичкиот, сензорниот, интелектуалниот развој, во карактерните недостатоци, односно проблеми во социо - емоционалниот развој. Ние ќе се задржиме на најчестите причини за појавата на проблем деца:
1. Несакани деца. Деца кои не можат да ги задоволат мотивите за сигурност и љубов во своите семејства, имаат проблеми во својот социо – емоционален развој. Тие се тврдоглави, агресивни, дури и деструктивни спрема другите, имот, па и спрема себе. Но сите деца не реагираат исто, некои се повлекуваат во себе и ги редуцираат комуникациите со другите. Во двата случаи децата не можат да ја следат наставата и се разбира успехот изостанува и проблемите се таложат.
Несакани деца се најчесто деца без семејства или со растурени семејства. Згрижени се во институции од различен вид. Тука спаѓаат понекогаш и деца кои имаат комплетно семејство, но од различни причини не ја чувствуваат грижата и љубовта на родителите. Тоа се деца чии родители стапиле во брак заради нив, деца чии родители се обземени со професионална кариера, со бизнис и слично.
2. Презаштитени деца. Некои деца, пак, имаат повеќе грижа и љубов од родителите, отколку што им е потребно и се чувствуваат задушени од љубовта и грижата, но повеќето од нив прифаќаат се што произлегува од таквиот однос на родителите. Па каде е тука проблемот? Тие се развиваат како несамостојни личности, зависни од своите родители, нерешителни во постапките и мислите, неспособни за самостоен живот. Тоа се деца кои се раѓаат болезливи, после долги години лекување на стерилитет, кај повозрасни родители и слично.
Во нивниот развој недостасува она што е нормално за развој на децата, а тоа е постепено емоционално осамостојување од родителите и семејството (што не значи и отфрлање на семејството).
3. Биолошки причини за проблем деца. Деца со наследна ментална ретардација (па дури во некој случај и надарени деца) се потенцијални проблем деца. Со нивните проблеми во учењето веќе се запознавме. Сега да додадеме дека неуспехот ги прави импулсивни и агресивни, заради што доаѓаат во судир со својата средина. Ваквите деца со лесна ментална ретардација можата да станат и деликвенти.
Деца кои имаат минимални церебрални дисфункции, кои тешко се регистрираат или не се регистрираат со енцефалограми, манифестираат низа проблеми како нестабилно внимание, моторна хиперактивност, невештина во фината моторика и слично, заради што немаат успех во учењето и манифестираат типично недисциплирано поведение. Во вакви случаи кога пречките се од неврофизиолошка природа, малку вредат казните и други дисплински мерки, односно поефикасна е соодветна терапија.
4. Ситуацијата во училиштето како причина за проблем деца. Поимот дисциплина е мошне релативен поим. Во услови на демократизација на наставата, овој поим има сосема поинакво значење од она на што навикнавме. Така, во некои земји во светот не се смета за недисциплирано однесување ако некој ученик се договара со друг ученик на часот, дури ако слободно стане и се движи низ училницата, ако спонтано и неформално се однесува со наставникот, ако седи како што му е најудобно. Во услови на активна настава, каде учениците работат во групи или парови, менувањето на местото, комуницирањето во групата и помеѓу групите, излегувањето од училницата по информации (до библиотеката, до компјутерот) и слично, се дел од активната настава.
Ако наставникот ги разбира интересите на учениците, го употребува интересот за одржување на вниманието на учениците и ако ги развива интересите на учениците, кај нив ќе се развие самодисциплина, без никакви други мерки на дисциплина.
Клима на учење се постигнува кога ќе се остварат интересите и вниманието на учениците, кога емоционално и интелектуално ќе се ангажираат во одредена активност и кога не ќе имаат потреба да пронаоѓаат однесувања што ќе им го отстрани чувството на здодевност и чувството на страв од училиштето (коешто ги “води” кон проблем деца).

Download СЕМИНАРСКА РАБОТА у wordu » » » 

Besplatni Seminarski Radovi - Бесплатно семинарска работа

SEMINARSKI RAD